Разговараме со нашите студенти: Стефан Божиновски, Николија Стојановска и Стефан Божаров, студенти на Академијата за визуелни уметности и Академијата за графички дизајн, за нивните семестрални проекти по предметот Постпродукција на фотографија: „Репродукција/ реконцептуализација на култно сликарско дело”, под менторство на Дејан Џолев.
За изборот на делата, нивното влијание и искуството со менторот низ академските часови, студентите ни открија интересни и уникатни детали. Сите тројца дадоа свој фотографски осврт на култни дела од белгискиот уметник Рене Магрит; прочитајте што ни споделија…
★
Се одлучив за оваа тема/идеја/дело поради…
Стефан Божиновски:
Веќе претходно размислував за идеја за фотомонтажа во насока на цртачки дела што ги работев пред извесно време. Прелистувајќи слики од Рене Магрит, случајно ја забележав токму оваа слика (што претходно ја немав сретнато), но беше токму во таа насока во којашто размислував, па ми се погоди како „кец на десетка“. Иако, на прв поглед, сликата изгледаше лудо за изведба преку фотографија, бев решен да ја изведам затоа што знаев дека крајниот резултат може да изгледа повторно лудо.
Стефан Божаров:
Делото “The Philosopher’s lamp” ме инспирираше на неколку начини. Самата иронија претставена со свеќата, односно идејата и уметникот кој е фокусиран исклучиво на себеси, односно репрезентацијата на главата со изразит нос којшто е во луле. Некогаш знаењето е толку блиску до нас, но ја вртиме главата којашто мислиме дека знае сѐ.
Николија Стојановска:
Се одлучив за ова дело бидејќи е доста интересно и несекојдневно, во коешто прикажаната женственост може да биде средство за истражување на сензуалноста и сексуалноста на почитуван и уметнички начин, без нужно да биде експлицитна или порнографска.
Николија Стојановска – „The break in the clouds“ (The calm) – Rene Magritte
★
При процесот на креирање, се соочив со…
Стефан Божиновски:
Најпрвин, се соочив со потешкотии да ги изведам сите потребни фотографии. Имаше потреба од „окупирање” на студиото на некои еден-два саати без прекин затоа што мораше да се изведат некои 9-10 фотографии (и тоа автопортрети и детали) со особена внимателност и умисла за на крај да може ефективно да се склопат во монтажа. Вториот јуриш беше во монтажата, каде што имав неколку обиди напред-назад додека конечно најдов соодветен пат за изведба. Самиот главен тек на монтажата ми одзеде околу недела дена внимателно работење. Но, целиот процес беше вреден за овој мошне успешен краен резултат со којшто сум прилично задоволен.
Стефан Божаров:
Се соочив со неколку предизвици коишто беа лесно надминати со помош на моите колеги и гласното размислување. Еден од предизвиците беше самата свеќа којашто беше топена и приближно оформена до саканата верзија. Вториот предизвик беше непропорционалниот нос и текстурата на кожа којашто е отпосле додадена со фотоманипулација.
Николија Стојановска:
При процесот на креирање, се соочив со доста отежнувачки чекори на коишто морав неколкупати да им се навратам за да ги поправам, па така согледав како да се справувам со потешкотиите во процесот на изработка на делото.
Стефан Божаров – „The Philosopher’s Lamp”
★
За соработката при процесот, за менторот би сакал/а да кажам…
Стефан Божиновски:
Имавме мошне интересни дискусии за изведбата, дури и различни ставови. Но, мислам дека токму таа ситуација на различни идеи придонесе за тоа процесот и крајниот резултат да се прилично уникатни. Исто така, Џолев беше мошне од помош во крајните фази на монтажата, во техничко „исчистување” и „збогатување” на самата фотомонтажа.
Стефан Божаров:
Од голема помош… го сфатив целиот процес и комуникација низ којашто поминувавме со менторот кој работеше со нас во постпродукција и ни даваше насоки, а притоа оставајќи не нас да дојдеме до решение на предизвикот и да можеме самите ние да дојдеме до финалниот резултат.
Николија Стојановска:
Би сакала да му се заблагодарам на менторот за соработката при процесот на креирање и изработка на делото.
Стефан Божиновски – „Ментална гимнастика“
★
Биди дел од „Скала“, фати ран уписен рок до 15-ти мај и заштеди 500 евра!
★