Skip to content

Известување до јавноста

ИЗВЕСТУВАЊЕ: 

 

Во текот на денешниот ден во јавноста се појавија обвинувања поврзани со начинот на кој Скала ги вреднува своите студенти. Дел од овие објави тврдат дека студентите добивале поени за оставање Google рецензии, без притоа да се објасни поширокиот контекст во кој постоела оваа активност.

Сакаме јасно да истакнеме дека станува збор за поени кои не се дел од формалното оценување, туку од поширок систем за придонес кон заедницата на Скала.

Бидејќи веруваме дека јавноста заслужува целосна и точна информација, во продолжение транспарентно го објаснуваме целиот систем на оценување на студентите на Скала и неговата намена.

Истовремено, забележуваме организирани повици за оставање негативни оценки од лица кои немаат лично искуство со нашите програми. Веруваме дека и позитивните и негативните рецензии имаат вредност само кога доаѓаат од луѓе кои навистина биле дел од нашата заедница.

Остануваме отворени за критика, сугестии и разговор со сите наши студенти и поранешни студенти.

 

ПОШИРОКО ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

 

Скала повеќе од една деценија користи сопствен систем за следење и вреднување на развојот на студентите. Неговата цел не е само да го оцени квалитетот на проектите, туку и да го препознае професионалниот развој, посветеноста и ангажманот на секој студент во текот на учебната година.

Студентите се вреднуваат во шест категории:

• Концепт и креативна идеја на проектот
• Техничка изведба и квалитет на реализација
• Процес, ангажман и професионалност
• Аргументација и презентација на проектот
• Домашни задачи
• Присуство на часови

Секој ментор доделува поени според однапред дефинирани критериуми. Од сите доделени поени се пресметува просек, кој го определува конечниот статус на студентот:

• Elite: 100+ поени
• Alpha: 76-100 поени
• Beta: 56-75 поени
• Gamma: 0-55 поени

Овие статуси не претставуваат вреднување на личноста на студентот, туку служат како алатка за препознавање на неговиот напредок и подготвеност за следниот чекор во професионалниот развој.

Alpha / Студентите со Alpha статус:

  1. Добиваат можност јавно да го претстават своето портфолио пред компании и организации од својата индустрија. Овој настан годинава ќе се одржи по 28-ми пат и претставува една од највредните можности за вмрежување и вработување.
  2. Имаат право на учество во изложби, презентации и други јавни настани организирани од Скала.
  3. Добиваат диплома и уверение за успешно завршена академија.

Beta / Студентите со Beta статус:

  1. Нивните портфолија се споделуваат со партнерските компании и организации од мрежата на Скала со цел пракса, соработка или вработување.
  2. Имаат право на учество во изложби, презентации и други јавни настани организирани од Скала.
  3. Добиваат диплома и уверение за успешно завршена академија.

Gamma / Студентите со Gamma статус:

  1. Имаат право на учество во изложби и други јавни настани организирани од Скала.
  2. Добиваат уверение за посетувана академија.

Elite / Elite статусот е резервиран за студенти кои покрај високите академски резултати покажале исклучителна иницијативност, професионалност и придонес кон заедницата на Скала.

Ова е групата студенти од која најчесто произлегуваат подлабоки форми на соработка со нашата институција. Дел од овие студенти подоцна стануваат асистенти, соработници, ментори на кратки програми, а во одредени случаи и предавачи на академијата врз основа на нивните подоцнежни професионални резултати и експертиза. Овие студенти имаат можност да стекнат дополнителни поени преку својот ангажман во заедницата на Скала.

 

Како се добиваат дополнителни поени?

Покрај редовното вреднување (оценување), студентите можат да добијат неограничен број дополнителни поени преку активности кои придонесуваат за развојот на заедницата. На овој начин се поттикнуваат проактивноста, преземањето иницијатива, волонтерскиот ангажман и културата на меѓусебна поддршка и споделување во рамки на Скала.

• Волонтерски активности
• Учество во организација на изложби и настани
• Креативен и технички придонес во проекти
• Учество во студентската платформа „Скала Магазин“
• Авторски текстови, интервјуа и блог рубрики
• Промоција на студентски проекти и успеси
• Други активности од јавен интерес за студентската заедница 

 

Во овој контекст постоела и можност студент доброволно да сподели свое искуство преку Google рецензија, како една од повеќето активности кои носеле ограничен број дополнителни поени.

Важно е да се нагласи дека овие поени не се дел од формалното академско оценување и не се услов за стекнување Alpha статус, дипломирање или успешно завршување на академијата.

Секој студент може да ги оствари сите академски привилегии исклучиво преку квалитетот на својата работа, проектите и резултатите постигнати во текот на наставата.

Сите правила се однапред комуницирани со студентите и се дел од системот со кој тие се запознаваат уште на почетокот на своето образование.

 

Нашиот став

Жалиме што наместо аргументирана дискусија, дел од јавниот простор повторно станува место за селективно пренесување информации, погрешни интерпретации и организирани повици за негативни оценки од лица кои немаат лично искуство со нашите програми.

Повеќе од 15 години Скала активно придонесува во развојот на креативните индустрии, дизајнот, маркетингот и дигиталните професии во Македонија.

Илјадници студенти поминале низ нашите програми, а стотици денес успешно работат во компаниите и индустриите за кои се образувале.

Ќе продолжиме да инвестираме во подобри програми, подобри можности за студентите и нови модели за нивен професионален развој, останувајќи доследни на вредностите на транспарентност, квалитет и континуирано подобрување.

 

 

×
скала скул-џолев-академии

Остави инфо да те контактираме:

×
скала скул-џолев-академии

Остави инфо да те контактираме: