На 4 април, се одржа вториот од низа настани во организација на „Скала“, одржан во просториите на „Startup Club“ -Скопје, овојпат со фокус на човечките ресурси, наменет за сите кои размислуваат да зачекорат во светот на HR и се љубопитни да дознаат кој е спектарот на кариерни можности како и кои се сите потребни квалификации.
Говорници на панелот беа долгогодишни експерти од областа на човечките ресурси и тоа: Славко Саздовски– едукатор, долгогодишен експерт во развој на човечките ресурси, член на Македонската асоцијација за човечки ресурси, Елизабета Саздовска која има 17- годишно работно искуство во банкарскиот сектор, со посебен фокус и познавање во областа на управување со човечките ресурси, ментор на Академијата за човечки ресурси (HR) + регрутација во „Скала“ и Александар Радически кој е Talent Acquisition Manager во RLDatix и ментор на Академијата за човечки ресурси (HR) + регрутација во „Скала“.
За време на настанот, се споделија важни совети, практики и насоки за сите кои се заинтересирани за почеток на кариера во областа на човечките ресурси. Токму затоа, ви издвојуваме дел од атмосферата, прашањата, како и дел од одговорите на нашите говорници коишто веруваме дека ќе ви бидат корисни.
На прашањето…
Како можеме да изградиме мрежа на врски и контакти во областа на HR коишто можат да ни помогнат во наоѓањето на работа или во напредувањето во кариерата?
Славко Саздовски ни одговори:
Развојот на социјалните мрежи и нивната примена во нашиот секојдневен живот на коишто ги објавуваме нашите професионални постигнувања, особено LINKEDIN, ја прави јавноста околу нас свесна за нашите професионални достигнувања и компетенции и тоа е добро. Сепак, сметам дека сè уште најдобриот начин за градење релации е нашиот социјален капитал или поточно во кои кругови на интерес се движиме, кого знаеме и кој нè знае нас како професионалци во одредена област. Според мене, редовните контакти со луѓето, како и живиот збор со нив останува ненадминат во насока на градење релации со потенцијалните работодавачи кои се носители на одлуки во нивните компании.
Во однос на Развојот на кариерата, не треба да биде ексклузивно право на оние вработени кои најдолго се вработени во организацијата. Развојот на кариера не би требало да се користи како некој вид на награда за долг стаж во организацијата. Развојот на кариерата во рамките на една организација треба да им се обезбеди подеднакво на сите вработени и треба да се основа исклучиво на постигнатите резултати, покажаните способности и потенцијал за понатамошен развој, без оглед на тоа дали вработениот е во организацијата кратко или подолго време. Клучно во таа насока според мене е колку работиме на самите себе од аспект на зголемување на нашите знаења и вештини или со други зборови, колку сме подготвени да читаме и учиме.“
Овој одговор природно се надоврза на следното прашање, односно дали образованието во областа на човечките ресурси и регрутација е пресудно за започнување на кариера во областа на HR.
Се разбира дека секое стекнато знаење е значајно и корисно, иако отпочнување на кариера во областа на човечките ресурси е возможна дури и без претходно искуство и формално образование во дадената област, доколку сте вистински заинтересирани за неа. Предноста денес, е можноста да бидете дел од програми како академии коишто се во делот на неформалното образование, а коишто содржат практична настава и стекнување на вештини коишто ви овозможуваат преквалификација и почеток на кариера во областа на човечките ресурси. Важно е да сте свесни дека учењето никогаш не завршува, потребно е постојано да се надоградувате. Секое ново знаење е предност, тоа пред сè ја покажува вашата желба и интерес, а притоа ви помага да стекнете конкурентни знаења и вештини. Преку истражување и следење на програми од областа на човечките ресурси, вие самите ќе дознаете што точно во областа на HR ви одговара, било тоа да се сите аспекти од областа или конкретни подрачја. –ни сподели Елизабета Саздовска.
Тука се надоврза и Александар Радически кој даде свој осврт на тоа дали образованието во областа на човечките ресурси и регрутација е пресудно за започнување на кариера како регрутер.
Образованието во областа на човечките ресури е пожелно да се има, бидејќи тоа е нешто што ќе ги издвои кандидатите од конкуренцијата. Преку тоа, ќе ни покажат на нас регрутерите дека ја имаат основата за човечките ресурси (регрутацијата) и тоа исто така, ќе им даде можност да можат подетално да се претстават на интервјуто на коешто би ги повикале.
Конкретно на Академијата во „Скала“ ќе зборуваме за различни теми, мојот фокус е модулот за регрутација, како моја специјалност. Предноста на академијата е можноста да навлеземе подлабоко во одредени теми од тоа што другите луѓе имаат шанса да го видат, односно ќе зборуваме за патувањето на кандидатот, од почеток до крај, како интерно започнуваме да дефинираме позиција за него и како стигнуваме до неговото вработување. Програмата ја концепиравме на тој начин што помалку ќе зборуваме ние, а повеќе нашите студенти, креирајќи простор за грешки додека сте под наше менторство, за заедно да изнаоѓаме решенија. Јас и моите колеги имаме многу што да споделиме со идните студенти, а јас со задоволство ги очекувам предавањата на коишто ќе го споделам моето знаење и искуство од областа.
Интересно прашање што беше поставено до Александар беше и…
Како да ги убедиме регрутерите дека немаме искуство во HR, но некој треба да ни го даде истото?
За да убедиш регрутер, треба да имаш добро напишано CV коешто ќе те одвои од конкуренцијата. Во моето секојдневие, гледам мал милион на CV-ја од кандидати кои ни малку не се потрудиле да го прилагодат за позицијата за којашто аплицираат. Не се аплицира со исто CV на 10 различни позиции, бидејќи секоја од тие позиции има различни побарувања. Секогаш пред да се испрати апликацијата, добро треба да се прочита описот за позицијата и според тоа треба да се модифицира CV-то.
Може да кажам дека дополнителните тренинзи, обуки и академии од областа на човечките ресурси би им помогнале првенствено да добијат шанса на интервју, а потоа да ни докажат зошто треба да ги вработиме. Од друга страна, работата на проекти коишто и сами може да ги осмислите е уште еден аспект којшто би ни покажал нам регрутерите, дека потенцијалниот кандидат покажува проактивност за учење.
Панел-дискусијата заврши со размена на искуства и знаења, нови познанства и секако, позитивна атмосфера.
Запознајте се со целиот наш менторски тим и стекнете се со потребните вештини за оптимизација на продуктивноста на вработените, како и совладување на најрелевантните методологии и принципи за управување со човечките ресурси само на Академијата за човечки ресурси (HR) + регрутација во „Скала“, а сега со можност за ран упис до 15 мај.
★