Се одржа финалниот испит од вториот семестар. Тоа е моментот кога студентите повеќе не размислуваат како студенти, туку како идни модни дизајнери.
За финалниот испит на Академијата за моден дизајн, студентите имаа задача да изработат целосна модна колекција, која ќе биде претставена на Skopje Fashion Weekend.

Што се учи во вториот семестар?
Во текот на вториот семестар, студентите ги продлабочуваат своите знаења и работат на развој на сопствен дизајнерски израз.
Програмата опфаќа:
- Моден дизајн
- Конструкција на облека со техники на кроење и шиење II
- Дигитална модна илустрација
- Моден бренд
- Модна фотографија
- Кариера и личен развој
Финалниот испит ги обединува сите овие области во еден проект.
Искуството од испитот на студентите
За искуството разговаравме со Ана Младеновска, студентка на Академијата за моден дизајн:
„Многу сум задоволна! Стекнатото знаење во текот на вториот семестар многу ни помогна во креирањето на колекцијата.“
Мелани Марјановиќ додаде:
„Целиот процес беше огромен предизвик, а финалниот резултат ги надмина моите очекувања.“
Од перспектива на менторите
Во текот на академијата студентите работат со активни професионалци од модната индустрија.
Катерина Тошева, ментор по предметот Конструкции со техники на кроење и шиење, сподели:
„Ги надминаа моите очекувања. На почетокот не беа подготвени за предметот и потешко го прифатија, но подоцна едвај чекаа да дојдат на час, а напредокот беше повеќе од очигледен.“
И Ирина Тошева, ментор по Модна колекција, ги сподели своите впечатоци:
„Во однос на минатиот семестар имаше навистина огромно подобрување кај студентите, беа многу посигурни во самите презентации, во излагањето на својата работа, се гледаше дека уживале во процесот на создавање и дека прогресот е навистина огромен.“
Од стипендија до финална колекција
За тоа како помина интервјуто за стипендии ни раскажа Мелани Марјановиќ.
„Не беше ништо страшно, беше сеопфатно, но мислам дека целиот тој процес е важен за да се долови суштината. Во Скала научив многу повеќе од тоа што очекував, добив силна основа и стипендијата многу ми помогна.“
Ана Младеновска додаде:
„Секој треба да си ја проба можноста за стипендија. Некој друг го препознава вашиот талент и потенцијал, а потоа низ студиите вие имате можност да покажете дека ги оправдувате тие очекувања.“
Ирина Тошева, ментор по Модна колекција смета дека ваквите можности се особено значајни за младите креативци:
„Сметам дека во денешно време секој кој сака да студира некаде, ја има можноста доколку навистина го има талентот и трудот, затоа секој треба да ја искористи оваа можност за стипендија во Скала.“

Како се формира конечната оцена?
Во Скала, конечниот резултат не зависи само од завршниот испит, туку го вреднува целиот процес на учење во рамки на семестрите и развојот на студентот. Секој ментор доделува поени и за работата во текот на семестарот и за јавниот испитен проект, при што семестарските резултати учествуваат со 40%, а јавниот испит со 60% од вкупната оценка.
Системот на вреднување ги опфаќа сите клучни аспекти на развојот на студентот: креативната идеја и концептот на проектот, техничката изведба и квалитетот на реализацијата, процесот на работа, ангажманот и професионалноста, способноста за аргументација и презентација на проектот, како и континуираниот ангажман преку домашните задачи и редовното присуство на наставата. На овој начин, студентите се поттикнуваат да развиваат не само технички вештини, туку и работни навики, одговорност, комуникациски способности и професионален однос кон сопствената работа.
Овој систем не ја оценува личноста на студентот, туку неговиот напредок, ангажман и подготвеност за следниот чекор во професионалниот развој.
Покрај редовното бодување, студентите можат да добијат и неограничен број дополнителни поени преку активности што придонесуваат за личен развој и развојот на заедницата.
Една од клучните вредности на овој систем е што ги поттикнуваме студентите сами да ги пријавуваат своите лични успеси стекнати за време на студирањето, поврзани со нивната студиска програма, како што се реализирани проекти, професионални соработки, изложби, натпревари, освоени признанија и други достигнувања. Ова е уште една оригиналност на нашиот систем, која ги мотивира студентите да создаваат и надвор од академските задачи.
Дополнителни поени се добиваат и за волонтерски активности, учество во организација на изложби и настани, креативен и технички придонес во проекти, како и за други активности што придонесуваат за развојот на студентската заедница.

Што следува по оценувањето?
Врз основа на вкупниот број освоени поени, студентите се стекнуваат со статусите Alpha, Beta и Gamma, како и со неформалниот Elite статус, кој претставува уште еден автентичен пристап кон вреднувањето и мотивацијата на студентите.
Овие статуси не претставуваат само признание за постигнатите резултати, туку служат и како основа за понатамошно вклучување на студентите во активностите на Скала. Во зависност од постигнатиот статус, студентите добиваат можности за јавна презентација на своето портфолио, учество на изложби, презентации и други настани, поврзување со компании и организации од индустријата, како и други форми на професионална афирмација, соработка и развој.
На овој начин, системот на вреднување не завршува со оценувањето само по себе, туку претставува почеток на следната фаза од развојот на студентите.
Elite статусот е дополнително признание, резервирано за студенти кои, покрај високите академски резултати, покажале исклучителна иницијативност, професионалност и придонес кон заедницата на Скала. Тој се формира врз основа на дополнителните поени стекнати преку активности надвор од редовните академски обврски и претставува основа за подлабока интеграција на студентите во работата на Скала, преку различни форми на соработка, асистентски ангажмани, менторство или други професионални можности.

Од студент до моден дизајнер
Финалниот испит е последната презентација на академијата, но за многумина е почеток на ново професионално поглавје.
Тоа е период кога идеите стануваат колекции, скиците стануваат готови модели, а знаењето стекнато во текот на студиите се претвора во реално портфолио.
Многу од студентите веќе размислуваат за следните чекори во својата кариера.
„Првично би се фокусирала на изработката на колекцијата за Fashion Weekend, а потоа би сакала да стекнам практично искуство и да продолжам да се развивам професионално,“ – сподели Ана.
Ако и ти сакаш да ја развиеш својата креативност, да научиш како се создава модна колекција и да изградиш портфолио со кое ќе можеш да се претставиш пред индустријата, сега е вистинскиот момент да го направиш првиот чекор.

Во тек е конкурсот за стипендии во Скала:
- 6 стипендии со 100% покриена школарина
- 12 стипендии со 50% покриена школарина
- 24 ваучери со попуст од 20% до 30%

Кандидатите можат да аплицираат во една од двете категории:
- Кандидати без претходно искуство во областа (преквалификација)
- Кандидати со претходно искуство во областа (доквалификација)
Апликациите се отворени.
Искористи ја можноста и аплицирај денес.

















