Нивната работа се гледа и носи. Нивниот труд е секогаш различно „скроен“. Секој од нив има различен, единствен пристап во предавањата, но и работата надвор од Академијата.
Ги издвојуваме нивните биографски патеки преку кои ќе дознаете колку се значајни овие ментори и кои се нивните професионални кариерни достигнувања.
Ви ги претставуваме менторите од Академијата за моден дизајн!
Проф. Александар Ношпал
Проф. Александар Ношпал е познат домашен моден дизајнер, кој ги облекува и нашите поп ѕвезди. Како магистер со дипломи од Париз и Лондон, тој е самостоен моден дизајнер кој создава модели со еклектичен израз. Освен соработката со многу познати модни куќи како што се „Тетекс“, „Систина“ „Кара“, Ношпал е и плоден костимограф со преку 70 театарски костимографии за оперски и театарски куќи во земјата и светот.
Беше костимограф на претставата „Силенциум“ во најпознатиот светски театар „Бољшој“, која во 2020 беше најавена како првата пост-ковид балетска продукција во светот.
Секогаш посветен на прецизна, висока мода и посегање по високи стандарди кога станува збор за краен производ. Како вечен вљубеник во костимографијата, тој е и креатор на неколку дизајни за балетски престави, како што е познатата и реобновена „Жизел“ што играше во 2021 година. Беше ангажиран и во престижната оперска куќа „Гарние“ во Париз. Тековно работи на големи проекти во Узбекистан, Олденбург и неколку проекти во матичната земја.
Проф. Никола Булески Буле
Никола Булески Буле е дипломиран моден дизајнер во областа на pattern-making и продукција на облека во Милано, Италија. Лансирал колекции на модниот пазар во Скопје, но и на фестивали во Латвија, Италија, Романија. Го започнува својот дизајнерски бренд COLLECTION и моден бренд MATTIS, прв во Македонија. Освен искуството како дизајнер, тој е и професор по дизајн на Катедрата по арт и дизајн на две академии, дома и во странство. Активен е со неговиот бренд „Никола Булески Буле“.
Она што е негова специјалност е софтверска 3Д изработка на шаблони при конструкција на моделите, со што се намалуваат трошоците и се прави помалку отпад. Во 2022, тој беше дел од овие обуки и доби сертификат токму во оваа област, активно придонесувајќи во дигитализација на текстилната индустрија.
Освен што работи на дизајн на облека, тој е и специјалист по конструкција на облека во модниот бренд „Bella“ во Македонија.
Ирина Тошева
Ирина Тошева е модна дизајнерка која со своето знаење и работна посветеност прави спој на неколку различни сегменти – модата, економијата и екологијата. Таа е креативен активист, а нејзините почетоци се со „самостојно правење торбичка од стари фармерки“. Студирала на Академија Италијана, а магистрирала во Фиренца.
Веќе 10 години има свој успешен бренд „Ирина Тошева“, со кој создаде 15 модни колекции, претставени дома и во европските земји. Освен како моден дизајнер, таа е еко активист и активна во делот на костимографија. Воедно е ментор и предавач во неформални образовни школи.
Доби награда за Млади лидери за цели за одржлив развој во 2019 година и беше победничка на натпреварот „Зелени идеи“ во 2021. Последен проект кој ја заокружи деценијата на нејзината работа беше колекцијата OYA и филмот „Латици“, инспириран од јуручките носии.
☆
Во тек се уписите на нови студенти за учебната
2024/25 година.
☆
Елена Вангеловска
Елена Вангеловска е моден дизајнер и костимограф, со магистратура во Софија, Бугарија. Реализирала повеќе самостојни и групни изложби, модни ревии, театарски и филмски реализации во земјава и во странство. Таа е автор на многу уметнички проекти наградувани во сферата на културата, но и модниот дизајн. Остварила бројни студиски патувања и учества на конференции и симпозиуми низ цела Европа и светот.
Своите познавања од областа на дизајнот ги споделува на учениците во Скопје, работејќи како доцент и вонреден професор по предметот Арт и дизајн.
Како магистер по костимографија, работела на безбројни проекти на театар, меѓу кои на домашните театри, но и во Германија и Бугарија. Учествувала на многу интернационални филмски фестивали во Франција, Германија САД, но и за домашните – Синедејс, Џифони и многу други. Нејзина е костимографијата за „Оркестар Титаник“, познатата претстава во изведба на Турскиот театар во Скопје.
Проф. д – р Гордана Вренцоска
Гордана Вренцоска е дипломирана сликарка и уметница со широк распон на креативните крилја. Таа е основачка и претседателка на Македонскиот совет за дизајн. Авторка е на познатиот плакат за Скопскиот џез фестивал во 2002 година и визуелниот идентитет за Скопскиот филмски фестивал во 2008. Ја има добиено престижната стипендија Чивнинг, каде магистрира дизајн на Central Saint Martins School of Art & Design.
Во 2014 добива и реномиран грант за уметници од фондацијата Pollock-Krasner, Inc. од Њујорк. Победничка е на натпреварот за дизајн на шапка кој го има распишано британската компанија за чај, Тwinings. Авторка е на бројни уметнички и дизајнерски проекти, стручни и научни текстови, како и на книгата „Македонски визуелен идентитет: дизајнот како можност за еволуција на традициите од визуелното културно наследство“. Изложувала свои дела во многу европски и светски градови.
Професорка е по визуелна уметност и дизајн и деканка на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје.
☆
Погледни ја Академијата за моден дизајн на „Скала“
и инвестирај во својата кариера!
☆
Ги поздравуваме и останатите ментори без кои не би била комплетна оваа листа: Проф. Небојша Вилиќ, Проф. Гордана Вренцоска, Дарко Аницин, Крсто Златков, и Дејан Џолев.
Ние сме единствена Академијата за моден дизајн која им овозможува на студентите: комплетно опремено модно атеље за конструкција на облека и кроење и шиење, лабораторија со таблети за цртање модна илустрација и печатење на 3Д принтери, современо фото и видео студио за модна промоција, цртачко и сликарско атеље и материјали за работа.