Ролјата на продукт-оунерот најсилно се чувствува кога е отсутна.
Данче Масларова–Стојановска, Lead Product Owner во RLDatix и креатор и ментор на првата Академија за Product Owner на овие простори.
Данче, Вие сте Lead Product Owner во RLDatix. Може ли накратко да нè запознаете со компанијата и Вашата работна позиција?
RLDatix e мултинационална компанија во којашто се изработуваат низа продукти за организирање на работата на здравствените работници. Продуктите покриваат различни аспекти и се интегрирани во еко–систем којшто го покрива процесот на управување со времето на сите групи на здравствени работници од нивното вработување преку секојдневните обврски, па сè до пресметката на платата. Практично, за да се појави на работа кој било: доктор/ка, сестра, болничар/ка, па и хигиеничар/ка кој е вработен во јавното здравство во Велика Британија (NHS), треба да го погледне софтверот којшто ние го изработуваме. Тоа го прават и оние во Австралија, дел од администрацијата во Германија, Шведска и Данска, а сè повеќе и болници во САД ни ја даваат довербата.
Знаете, во последниве години сме сведоци дека притисокот врз здравството е огромен. Да се оптимизира оптовареноста со работа на секој здравствен работник, притоа тоа да е безбедно за пациентите, да се обезбеди фер-распределба на трудот, да не се злоупотребува времето за одмор и да им се овозможи флексибилност во балансирањето на приватниот и професионалниот живот, е невозможно без комплексен и сериозно добар софтвер.
За да се одговори на спецификите и одговорноста на доменот во којшто работиме, нашата компанија има разработено мрежа за распределба на одговорности во рамките на агилната методологија. Мојата улога е да бидам мост помеѓу клиентите (или колегите кои имаат контакт со нив) и тимот којшто го развива софтверот за да се осигурам дека она коешто излегува како функционалност на софверот има максимална вредност за крајниот корисник. Во процесот на изработка на софтверот, мојата улога е да управувам со фокусот на тимот, грижејќи се да е оптимален, односно да има максимална вредност за вложениот труд.
Дополнително, лидерскиот дел на мојата позиција значи дека се грижам колегите продукт–оунери да имаат продуктивна, испиративна и кариера којашто ќе се движи по нагорна линија.
Што значи да се биде Product Owner и колку е значајна оваа улога за ИТ-компаниите?
Како што и напоменав претходно, ние сме мостот. Треба да ги разбереме кажаните и премолчените барања на корисниците, откако прво ќе откриеме и идентификуваме кои се тие и во какви околности го користат системот за да разбереме како може да помогнеме. Потоа, да ги документираме нивните барања. Следи преведување на барањата и потребите на клиентот во фунционалности на системот коишто ќе ги адресираат тие барања/потреби. Секојдневно ја следиме работата на развојниот тим, управуваме со фокусот на тимот преку приоретизација на задачите за да се осигураме дека е оптимизиран да има најголема додадена вредност со најмали трошоци. На крај, го проверуваме сработеното за да бидеме сигурни дека она коешто е направено како фукционалност во системот одговара на потребите на клиентот. Продукт-оунерот вооружен со ентузијазам, знаење, арсенал од алатки и техники заштедува време, пари и нерви на сите инволвирани во процесот и како таков најмногу се чувствува кога е отсутен.
★
Придружете ни се на 11.04 [18:00ч. – ZOOM Meeting] и бидете дел од овој информативен настан, каде ќе имате можност да добиете знаење и совети од искусни професионалци со повеќегодишно искуство во областа!
[прочитајте повеќе за настанот]
★
Каква е потребата за оваа професија денес и кои се можностите за едукација?
Го знаете она искуство кога ќе отворите некоја апликација и баш ќе ви е погодена, бидејќи ги има опциите што ви требаат? Тоа е добар продукт-оунершип. На пример, во Велика Британија наидов на една апликација којашто ти помага да видиш кога е следниот воз или автобус. Ако ја отворите навечер, претпоставува дека сте уморен или сте испиле некое пиво плус и ги покажува буквите и бројките за некој процент поголеми, а ги покажува само неопходните информации за да се осигура дека ќе стигнете дома безбедно. Таа апликација ја правел продукт-оунер кој си ја сака работата… или пример Нетфликс, ви ги препорачува веќе гледаните филмови први на списокот. Можеби продукт-оунерот на Нетфликс треба да го информираме за нашата академија.
Вие сте ментор во Скала на единствената Академија за Product Owner на овие простори. Што покрива програмата и за кого е наменета?
Академијата е голема радост, ентузијазам и гордост за мене. Уникатна е поради мотивот, пристапот и опсегот на знаење коешто го нуди.
Во моментов, имаме доста професии кои работат делови, варијации од оваа работа, како на пример банкарските аналитичари, продавачите на услуги, сопствениците на старт-ап компаниите, програмери во напредна фаза од кариерата, различни координатори и организатори. Целта ни е да понудиме заокружен материјал во којшто ќе ги разработиме сите фази од идентификување на корисници со различни мотиви, преку техники за собирање и анализа на барањата, нивно преведување во функционалности на софтверот и ефикасно документирање кон различна публика. Сето тоа го ставаме во контекст на агилни методологии на работа затоа што тоа е реалноста со којашто слушателите ќе се соочат кога аплицираат за работа. Знаењето на техники, алатки и Scrum-метологија ќе им помогне да ја добијат шансата да се вработат во софтверска компанија. Но, размислувавме и што потоа, дали е доволно? Затоа воведовме еден модул којшто се вика day-to-day product ownership. Целта е да симулираме како ќе изгледа денот на продукт-оунерот, со кои предизвици ќе се соочува и да предложиме стратегии како најефикасно да ги надмине. Уникатноста на нашата програма е во практичноста, теоријата е во функција на практичноста. Со работа на проект, овозможуваме секој студент да ја доживее улогата, тежината и сатисфакцијата од истата, да ги пронајде своите силни, но и зоните на личен раст.
Ова ќе биде ваша трета генерација како ментор на Академијата за Product Owner, какво е вашето искуство досега и каков е успехот на претходните генерации?
Со сигурност можам да кажам дека академијата влијае трансформирачки и за мене и за студентите. Од година во година, од час во час, се подобруваме, се прилагодуваме, се преработуваме за да ја извадиме најдобрата верзија од себеси. Од предавањата преку работилниците, па низ седенките и здравиците, сè до интервјуата и работните предизвици, се развива една специјална врска на поддршка.
Како мерка за успешност за академијата, јас го гледам процентот на студенти кои направиле трансфер во ИТ–секторот и дали кога направиле трансфер, успешно ја извршуваат улогата. Според овие два показатели, би рекла дека академијата е многу успешна. Повеќе од 60% од студентите досега направиле трансфер во ИТ–секторот, а бидејќи дел од нив ми се колеги, со сигурност знам дека се успешни во својата работа и многу им се радувам.
Кога започнува наставата на Академијата за Product Owner и кои се можностите за кариера по нејзиното завршување?
Уписите се во тек. Почнуваме од 14 октомври, аплицирајте во ран уписен рок за повеќе поволности!
Во врска со кариерните можности, како и со сè во животот, зависи од човек до човек. Ние ќе го ставиме сето свое знаење и искуство на располагање со цел да презентираме информации и практицираме вежби за развивање на сестрани личности кои ќе можат да практицираат продукт-оунершип.
Оваа улога, во различни ИТ-компании може да се сретне под различно име: бизнис-аналист, продукт-аналист, продукт-оунер, дури и проектен или деливери-менаџер.
★
Уписите за новата генерација студенти на Академијата за Product Owner (PO) е во тек! Погледни повеќе на овој линк.
★