Skip to content
прв-академски-час-скала-џолев

„Скала“ ги отвори вратите за новите Скалаџии на првиот академски час од новата учебна година

„Од денес сте Скалаџии!“

– со овие зборови, Ана В’чкова им посака топло добредојде на новите студенти на првиот академски час во „Скала“, којшто започна со прекрасна музичка точка во изведба на Дина Јашари. 

 

Студентите имаа можност да присуствуваат на панел-дискусија со тековните студенти на „Скала“, да ги запознаат своите ментори и да добијат корисни совети и препораки за успешен почеток на нивното ново животно поглавје. 

Веќе 13 години, Скала е инкубатор за креативци и иноватори, бидејќи сите нè обединува страста за создавање и знаење. Освен учење и развој, тука ја негуваме креативноста и иновацијата, а нашите вредности, заедно со висококвалитетното образование, создаваат професионалци кои се лидери во креативните и технолошките индустрии. Доказ за тоа е дека најголемиот процент на студенти кои завршуваат во Скала, се веќе на тие позиции – истакна В’чкова, во својот воведен говор кон новите Скалаџии.

 

 

 

Отворање на новата Академија за дигитален маркетинг на „Скала“ и „Пиксел“

Скала постојано е во чекор со времето, подготвувајќи ги своите студенти за предизвиците на иднината. На првиот академски час беше одбележано и отворањето на новата Академија за дигитален маркетинг, создадена во партнерство со full-service агенцијата „Пиксел“.

 

Димитар Јовевски, партнер и директор за бизнис-развој во „Пиксел“, им одржа инспиративен говор на новите студенти, поттикнувајќи ги да го искористат секој миг од своето образование.

Знаењето е како никулец којшто ние ќе се обидеме да го засадиме во вашите умови, за да израсне во мисла која ќе ве инспирира да делувате, да создавате и да иновирате! – истакна Димитар. „Никогаш не престанувајте да учите и да трагате по новото знаење!“ – додаде тој, охрабрувајќи ги студентите за новиот почеток.

 

 

Панел-дискусија со тековните студенти на „Скала“ кои наскоро ќе станат „алумни“

На панел-дискусијата со тековните студенти на „Скала,“ кои наскоро ќе се здобијат со титулата „алумни“, се отворија неколку клучни теми: учеството на хакатони, подготовката за финалната студентска изложба, предавањата по кариера и нивната улога за професионалниот развој на студентите, можностите за пракса и вработување по завршувањето на студиите, како и корисни совети за успешна и продуктивна академска година!

 

 

 

Студентите на „Скала“ освоија две први места на два хакатони!

На двата хакатони на коишто учествуваа, тимовите на „Скала“ освоија второ место, истакнувајќи се во силната конкуренција помеѓу формалните и неформалните образовни институции од целата земја.

Овој успех е уште еден доказ за интелектуалната моќ којашто ја гради Школата за дизајн и технологија „Скала“. Благодарение на студентите и нивната посветеност, се позициониравме како лидери меѓу образовните тимови! – изјави Дејан Џолев, основач на „Скала“.

 

Анастасија Попоска, архитектка во „Прима Мебел“ и студентка на Академијата за ентериер и продукт-дизајн, ги сподели своите впечатоци од хакатонот организиран од „Стартап Македонија“ во Охрид.

Најголемиот предизвик за мене беше излегувањето од комфорната зона! Освоивме второ место со нашето решение за проблемот со пратки, а стекнав и вредни пријателства и контакти со ментори – вели Анастасија.

 

 

Хакатонот со добротворна цел беше исклучително искуство – за три дена создадовме идеја којашто може да стане реалност и да им помогне на оние на кои најмногу им е потребна! – вели Зорица Ставрова, студентка на Академијата за ентериер и продукт-дизајн и асистент на „Американ Колеџ“.

 

 

Финалната изложба – клучен настан за промоција на студентите

На студентската изложба, студентите не само што ги промовираат своите дела, туку и воспоставуваат нови контакти и добиваат нови можности за проекти и вработувања.

Се сеќавам на мојата прва изложба, каде што Душан Дракалски (тогашен креативен директор на агенцијата NewMoment) го забележа моето дело и се распраша за мене. Така започна моето работно искуство во NewMoment! – со оваа приказна, Дејан Џолев ги поттикна студентите да ги споделат своите впечатоци од учеството на финалната изложба.

 

Чувството кога одиш на изложба како гледач е прекрасно, но кога си дел од подготовките и ги гледаш своите дела на изложбата заедно со делата на своите пријатели и колеги – тоа е сосема различно, неверојатно искуство коешто ме направи прегорда! – вели Ана Стојанова, студентка на Академијата за графички дизајн, која активно учествуваше во подготовката на изложбата.

 

Студентите упатија и голема благодарност до Андријана Антова, креативен директор во „Скала“, која го водеше целиот процес на подготовка на изложбата.

 

 

Часови по кариера и подготовки за презентации пред компании

На крајот од академската година, студентите на „Скала“ задолжително посетуваат часови по кариера под менторство на Крсто Златков. За време на овие часови, тие учат за важни теми како што се личен брендинг, PR и промоција, презентациски вештини, стратегија за личен развој, како и основи на бизнис, маркетинг и продажба. По завршувањето на часовите, најдобрите студенти добиваат можност да ги презентираат своите портфолија пред регрутери од индустријата.

Предметот ‘Кариера’ е клучен за разбирање на нашата насока во индустријата. Со менторот Крсто, успеавме подетално да истражиме што нè привлекува и тоа да го вклучиме во нашите презентации. На генералните проби со менторот целосно се опуштив и постигнав одлични резултати на презентациите! – вели Марија Шестакова, студентка на Академијата за графички дизајн, која неодамна ја заврши и 6-месечната пракса во „Скала“.

 

 

 

Пракса и вработување за време на и по завршување на студиите

Проактивност и присутност и за време на часовите, но и на дополнителните активности надвор од нив! – ова е главната порака којашто тековните студенти им ја испратија на новите Скалаџии како клуч за постигнување успех.

 

 

За време на часовите по WordPress, менторот Благој Ѓелевски го препозна мојот талент. Испратив портфолио и ме повика да соработуваме. Изработив неколку секции за неговиот клиент, а позитивниот фидбек доведе до продолжување на соработката! – вели Ивана Јосифоска од Академијата за UX/UIдизајн, која за време на студирањето започна соработка со менторот Благој во неговата агенција „Тивиус“.

 

Зорица Ставрова истакна дека е важно да предаваме и да примаме знаење во различни околности. Ана Стојанова, исто така, додаде:

Луѓето што ги запознаваме се едни од најбитните фактори. Поврзаноста со луѓето во индустријата е особено важна и секогаш сме тука меѓусебно да си помогнеме и заедно да растеме, да се развиваме и да работиме!

 

 

Совети од тековните студенти до новите Скалаџии

Зграпчете го секој момент во „Скала“ и максимално искористете го вашиот потенцијал! – им порачува Зорица на новите студенти.

 

 

Бидете присутни! Многу идеи се раѓаат од спонтаните разговори. Кога сте на лице место и активно учествувате во дискусиите, може да добиете неверојатни идеи коишто ќе прераснат во заеднички проекти! – вели Стефан Божиновски, студент на Академијата за визуелни уметности, кој моментално е практикант во „Пиксел“.

 

 

Како алумни-студентка со искуство и во формалното и во неформалното образование, можам да кажам дека заедницата во „Скала“ е од суштинско значење. Луѓето кои ќе ги запознаете во „Скала“ не само што ќе ви бидат другари, туку и соработници (едни од најдобрите, од лично искуство)! Искористете ја секоја можност за соработка и не се плашете да прифаќате предизвици бидејќи од нив најмногу се учи! – истакнa Ана В’чкова, алумни-студентка на Академијата за визуелни уметности и фотограф во „Скала“.

 

 

Совети од менторите до новите студенти 

Професорката Гордана Вренцоска, декан на Факултетот за арт и дизајн и менторка на Академијата за графички дизајн на „Скала“, им порача на студентите дека присутноста, посветеноста, будноста, мотивацијата и истрајноста ќе бидат клучни за постигнување на успешни резултати.

 

Сето она коешто го правиме во рамките на образовните процеси придонесува за создавање и зајакнување на нашата заедница и целата дисциплина којашто ја формираме и заедно ја градиме. Никој не може да просперира како индивидуалец, особено во креативните индустрии. Создавајте пријателства и контакти, одржувајте ги и во иднина – тие ќе ви отворат нови можности, ќе ве поканат да учествувате во проекти, конкурси, хакатони и конференции… А можеби во иднина, заедно ќе создадете свои компании и партнерства! – вели проф. Вренцоска.

 

 

Нè очекува уште една убава, успешна и продуктивна година во „Скала“!


Драги студенти, со среќа и се гледаме од понеделник на предавања! <3

 

×
скала скул-џолев-академии

Остави инфо да те контактираме:

×
скала скул-џолев-академии

Остави инфо да те контактираме: