Интервјуто е преземено од inovativnost.mk, објавено на 18 јули, 2023 год.
Под слоганот „Саем на новата генерација“, во „Скала“ се одржа дводневен настан каде што студентите на aкадемиите за дизајн имаа можност да ги претстават своите портфолија пред претставници на десетици компании од креативните индустрии.
По тој повод, поразговаравме со наставниот координатор на „Скала“, Ангела Николовска, за искуството и традицијата од овој настан, но и генерално за тековите во неформалното образование.
Која е важноста на овој настан за студентите во поглед на нивниот професионален развој?
Поврзувањето на студентите со индустријата е нашиот најголем приоритет!
Од искуството во минатото, можеме да заклучиме дека овој настан е од исклучителна важност за развојот на нашите студенти. Тука ги остваруваат првите деловни контакти и професионални соработки.
Практично, секој студент има можност да го презентира своето портфолио, пред одбрани компании од креативните индустрии со цел поврзување и овозможување на дополнителна пракса и вработување.
Токму минатогодишните искуства ни покажуваат дека првата пракса којашто ја стекнале студентите на овој настан, подоцна значи и долгогодишно вработување.
Настанот е дел од предметот Развој на лична кариера којшто е единствен предмет од ваков тип во неформалното образование. Од каде потекнува идејата за овој предмет?
Целта на овој предмет кој е вклучен на сите шест академии за дизајн е студентите да развијат вештини и стратегии за успешно градење на лична кариера. Студентите се запознаваат со факторите коишто влијаат на нивното созревање како личности и со навиките на успешни луѓе.
Клучниот аспект на овој предмет е профилирањето на студентите којшто им помага да се идентификуваат себеси и подобро да ја изградат својата лична цел.Вториот аспект пак е практично техничка подготовка за јавен настап преку обука за јавен говор, но и развој на личното портфолио што подоцна студентите јавно го претставуваат токму на „Саемот на новата генерација“.
Започнавме од последниот учебен ден во „Скала“. Доколку се вратиме на првиот час, која е потребата на студентите, зошто се одлучуваат да студираат во нефомалниот сектор на образование?
Потребата е променлива во зависност од искуството на студентот. Секако, најпопуларна е потребата од прекфалификација, но во „Скала“, голем број студенти доаѓаат и за време на студирање или по дипломирање на сродна професија, во потрага по практично образование и доквалификација.
Многупати сме зборувале дека флексибилноста на едукативните програми според потребите на пазарот е најсилната страна. Овозможува поголема индивидуализација и персонализација на образованието. Во пракса, неформалното образование го дополнува формалното, им овозможува на студентите да ги доразвијат своите индивидуални интереси и таленти.
Охрабрувачки е да се чуе дека помеѓу младите е креирана свесноста и потребата од знаење. Од вашето досегашно искуство која е главната причина зошто студентите се одлучуваат да студираат на академија?
Тоа што денес нѐ радува е дека студентите сѐ повеќе се интересираат за квалитетот на наставата и вложеното време во едукацијата, наспроти тоа дали академијата е акредитирана или сертифицирана. Акредитациите или сертификатите во суштина се неважни, додека во пракса се лага.
Студентите сфатија дека дипломите не ги вработуваат и тоа е здраво, а посебно ова важи за креативните индустрии.
Компаниите единствено ги интересира твоето знаење и уште поважно, колку си подготвен или подготвена да учиш. Затоа што колку и да знаеме нешто денес, за извесно време ќе мораме повторно нешто ново да научиме.
Затоа неформалното образование треба да го поддржува концептот на учење преку целиот живот, што значи да продолжиме да учиме непрекинато. Ова е важно не само за професионален развој, туку и за личен раст. Затоа нашиот пристап не се заснова единствено на совладување на одредени популарни алатки, туку методики за постојано учење.
Што точно подразбирате под поимот „креативни индустрии“, кои сѐ компании се вклучени во настанот?
Во поимот креативни индустрии е опфатен широк дијапазон на активности и дејности коишто ги вклучуваат културните индустрии и уметничките, научните, техничките, технолошките продукции, базирани на знаења, индивидуална креативност, талент и вештини.
Согласно нашата дејност, би можела да издвојам соработници од повеќе области: маркетинг и адвертајзинг-агенции, дизајн-студија, филмски и фотографски продукции, модни конфекции и ателјеа, издавачки куќи и медиуми, архитектонски студија, работилници за изработка на мебел, студија за 2Д-анимација и 3Д-моделирање, итн.
Особено сум благодарна на долгогодишната поддршка од нашите пријатели како Publicis, Fabricca, Koma Design Studio, Division, Relish, Altius, Rinocca, BH Architects, Bella, FWSK, Heppiness, Светот на Биби, Ателје Ирина Тошева и десетици други, како и новите пријатели како Retolinks, Collarete, модното ателје Антонија Ристовска, BlackBellо, моднaта конфекција Амор Компани и многу други.
Она што нѐ обединува е желбата заедно да создадеме млад и амбициозен кадар, но посебно би сакала да истакнам дека ова се компании со свест за општествена одговорност, потреба за придонес кон заедницата.
Во моментов се активни уписите за новата учебна 2023/24 година, на шесте академии за дизајн и применета уметност. Која е актуелната порака којашто сакате да им ја пратите на нашите читатели?
Секој кој се стреми кон прекфалификација во својата кариера или да се себенадогради во одредени вештини, би требало да одбере образование коешто ќе му ги овозможи сите чекори како да стигне до тоа. Чекор по чекор. Скала по скала.
Повеќе за сите академии и начинот на запишување може да погледнете на следниот линк: https://djolevandthearts.edu.mk
Сите заинтересирани имаат можност да го искористат попустот за ран упис до 1ви август.