Прочитајте за успесите на нашите студенти и ментори, како и случувањата коишто го одбележаа изминатиот период. Вклучивме и дел од многуте активности на нашите ментори и настани од неформален карактер.
Всушност, прочитајте зошто сме лидери за квалитет во неформалното образование и активностите на најголемата дизајн-заедница!
НАШАТА ШКОЛА…
1 • Седма година по ред бевме дел од „Fashion Weekend Skopje“…
„Fashion Weekend Skopje“ од година на година ја негува и зајакнува соработката со „Скала“, изложувајќи го талентот на студенти од Академијата за моден дизајн.
Оваа година, учество зедоа: Тиана Јовиќ, Михаела Штерјова, Орце Наумовски, Симона Николовска, Слоботка Трендова, Снежана Ефкоска, Велика Лешева и Маја Матлијоска, под менторство и експертиза на Александар Ношпал и Никола Булески, ќе ги претстават нивните визионерски колекции во концептуална ревија.
Нивните извонредни креации коишто беа во центарот на вниманието се потврда дека модата и дизајнот во Македонија ги чека блескава иднина!
2 • Ја организиравме најголемата студентска изложба за дизајн…
Возбуда, позитивни импресии и креативен бум!
Се одржа завршната изложба на академиите за дизајн при „Скала“ -Школата за дизајн и уметност, генерација 2022/23. Изложбата којашто го носеше насловот „Глас на новата сцена“ се одржа на 13 октомври, а во рамките на истата, посетителите ја имаа можноста да погледнат повеќе од 800 дела на студентите од академиите за графички дизајн, визуелни уметности, моден дизајн, ентериер и продукт-дизајн, како и Академијата за UX/UI-дизајн.
Трите хали нa првиот кат во „Public Room“ беа преполни со посетители, а за позитивните импресии од настанот слушаме и денес!
3 • Официјално сме skala.school на инстаграм…
Кој нè следи на инстаграм, знае!
Од неодамна, официјално сме @skala.school, a промената на нашиот username ја прославивме со симболични подароци. За првите 10 следбеници кои споделија instagram story означувајќи нè како @skala.school, следуваа награди како: дела од наши студенти, ваучери за попуст на нашите едукативни програми и незаборавни искуства со тимот од „Скала“.
Следете нè и бидете во тек со најновите содржини 😉
4 • Започнаа првите предавања на академиите за дизајн…
На 16 октомври започна новата учебна година!
Првиот aкадемски час го следеа +100 студенти на aкадемиите за дизајн во „Скала“.
Студентите и менторите имаа можност да се запознаат меѓу себе и да си споделат импресии и искуства, како и да позборуваат за очекувањата за претстојната академска година. Им посакуваме среќна и успешна академска година на новите студенти. Трпеливо го следиме нивниот креативен раст и развој и едвај чекаме да ги видиме во полно светло на дизајн-сцената.
5 • Во просториите на „Скала“, се одржаа работилниците: „Со шиење до сопствен бизнис“
Скала во поддршка на жените-претприемачи!
Нашите соработници од „Добредојде Македонија“, со поддршка од Амбасадата на Република Словенија, ја лансираа програмата „Со шиење до сопствен бизнис“ – бесплатна обука за жени и девојки од Скопје и околината.
Програмата вклучуваше бесплатна обука за кроење и шиење под менторство на Катерина Тошева, а истата се одржа во просториите на „Скала“ во период од 14 до 5 октомври. Ни претставуваше особено задоволство да бидеме дел од проект којшто овозможува поддршка на жените-претприемачи, преку обезбедување на современ простор и опрема за развој на нивните вештини.
6 • Зборуваме за примената на UX/UI-дизајнот на IT MEET UP Скопје
Во организација на Град Скопје се одржа „Скопскиот ИТ-Фестивал“ под слоганот: Трансформација на технолошкиот пејсаж на Македонија.
Во рамките на настанот, учестувавме на панел-дискусијата: „Македонски технолошки ИТ-пејсаж“ на којашто Дејан Милосавлески, како наш претставник и долгогодишен соработник, зборуваше на темата: „Примена на UX/UI-дизајнот“, можностите коишто ги нуди програмата на Академијата UX/UI-дизајн и најновите трендови во индустријата.
Настанот се одржа во просториите на СУГС „Владо Тасевски“ – Скопје, а средношколците имаа можност да дознаат повеќе за теми како: „Вештачката интелигенција, подемот на гејминг-индустријата, информациските технологии и UX/UI- дизајнот“.
НАШИТЕ СТУДЕНТИ…
7 • Маја Матлијоска, пример за основач на успешен мал бизнис…
Студентите го споделуваат своето знаење и искуство!
Неодамна се одржа семинарот: „Со мануелни вештини до сопствен бизнис“ во Струга на којшто учествуваа учениците од текстилната струка од СОУ „Нико Нестор“.
Како позитивен пример за локален успешен мал бизнис во рамките на програмата, учествуваше Маја Матлијоска, алумни-студентка на Академијата за моден дизајн, со нејзиниот бренд Maja’s handmade world – рачна изработка на плетени модни додатоци и облека. Овој прекрасен спој на споделување на искуства со новата генерација го овозможи менторката Ирина Тошева која заедно со Маја, беа дел од севкупното искуство за време на семинарот. Се радуваме на ваквите соработки!
8 • Елена Божиновска, со две награди…
Позната по своите хуманитарни дела и иницијативи како во родниот град, така и во Европа!
Елена, овој месец блескаше на две сцени со иклучителни награди за својот придонес, таа е добитник на реномираната награда „Emerging Europe“ за младински инфлуенсер на годината во Централна и Источна Европа за нејзината работа и поттикнување на општествени и правни промени за младите. Втората награда којашто се најде во нејзините раце е „13 Ноември“ од Град Скопје за посебен придонес за правата на децата, младите од самохрани и еднородителски семејства и организирање на хуманитарни акции.
Неизмерно горди на нејзиниот придонес, ѝ посакуваме уште многу успеси во иднина!
9 • Аника Иловска ја престави колекцијата: „Капсула 03“
Нашата студентка Аника веќе е препознаена на модната сцена!
Овогодинешниот FWSK претставуваше спој на неколку генерации од нашата Школа, токму затоа од особено значење за нас, беше и ревијата на „Перениал“ со колекцијата „Капсула 03“ на Аника Иловска, студент и стипендист на Академијата за моден дизајн.
Аника е препознаена по концептот на редизајнирање и враќање на машките сакоа коишто некогаш биле заборавени, креирајќи безвременски сетови коишто пленат со својот стил и елеганција.
Испраќаме искрени честитки и будно ги следиме нејзините следни капсули и уникатни парчиња!
10 • Крсто Глигорјадис и Милена Петковска, активни на уметничката сцена
Нашите стипендисти и студенти Крсто Глигорјадис од Академијата за визуелни уметности и Милена Петковска од Академијата за UX/UI-дизајн активно се дел од уметничката сцена.
Крсто Глигорјадис неодамна беше првиот впечаток на изложбата „Еволуирачки перспективи“, отворајќи ја истата со церемонијален акт на зборот ‘ЗАЕДНО’, додека пак, Милена Петковска своите дела ги изложуваше во рамки на групната изложба „Симбиоза“ во Мобилна/Монтажна галерија на Центарот за современи уметности – Скопје.
11 • Андреј Павлов, зад дизајнот за конкурсот „Скопје на новата генерација“, во организација на „Europe House“
„Europe House“-Скопје го прослави својот 4 роденден со архитектонски конкурс, a нашиот алумни-студент и ментор Андреј Павлов го дизајнираше бренд-идентитетот за истиот.
Ексклузивниот конкурс беше наменет за млади архитекти и урбани планери кои ќе ја замислат и променат урбаната средина во Скопје. Преку оваа иницијатива, се обидува да се решат проблемите со напуштените и отуѓени јавни површини коишто можат да се обноват за новата генерација!
НАШИТЕ МЕНТОРИ…
12 • Премиера на комедијата „Te dua, жими мене“, снимена по сценарио на Никола Кузелов
На 22 септември, во кино-салите на „Синеплекс“ својата премиера ја имаше „Te dua, жими мене“, во режија на Марјан Гавриловски, а по сценарио на Никола Кузелов.
Покрај пишувањето на сценариото, Кузелов се јавува и во една од главните улоги во филмот и тоа улогата на протагонистот Кокан. „Те дуа, жими мене“ зборува за суштината на меѓучовечките односи, филмот е социјална комедија којашто обработува плејада тематики, почнувајќи од лажна љубов преку пријателство, религија, феминизам, криминал, па сѐ до вистинска љубов.
13 • Гордана Вренцовска, со награда за сликарство за делото „Патот на мудроста“
Оваа година, наградата за сликарство заслужено се најде во рацете на Гордана Вренцовска, за делото „Патот на мудроста“, јасно согледување и афирмација за нејзините дела во ликовниот простор.
На 1 ноември се одржа годишната изложба на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), во објектот „Мала станица“ при Националната галерија во Скопје. На отворањето на изложбата беа доделени три награди од областа на сликарството, скулптурата, графиката и новите медиуми.
14 • Менторите на хуманитарната модна аукција: „Денови за донирање“
Нашите ментори и долгогодишни соработници Никола Булевски -Буле, Ирина Тошева, Тања Кокев, Симон Ендровски и Катерина Тошева, беа дел од модната аукција со донаторски цели којашто се одржа во скопското кафуле „Интермецо“.
Преку наддавањето за донираните парчиња на модните дизајнери на добротворната модна аукција, се собраа фантастични 211.800 ден. Настанот беше дел од кампањата „Денови за донирање“, во рамките на УСАИД проектот „Партнерства за донирање“.
15 • Втора изложба и продолжение на проектот „FLUX: Surfacing“ на Ана Трајковска
Интерактивната изложба на графики и инсталација од Ана Трајковска и Ивана Самандова, во септември го имаше своето долгоочекувано продолжение!
На изложбата којашто се одржа во Културно-информативниот центар – Скопје, анонимно беа претставени изгравираните чувства, емоции, искуства и трауматични мемории на посетителите од првата изложба. Сите визуелни прикази, во рамките на FLUX: Surfacing – формираат една целина низ којашто разновидните отпечатоци се испреплетени едни меѓу други, создавајќи интимна атмосфера помеѓу сите посетители на изложбата.
16 • Никола Булевски- Буле, на Интернационалниот форум за одржлива мода
Во рамките на овогодинешната Текстилијада во Штип, се одржа Интернационалниот форум за одржлива мода, низ призмата на брендовите и текстилниот концепт.
Еден од панелистите на форумот беше и нашиот ментор Никола Булевски кој, при своето излагање за медиумите, напомена: „Со текстилни ресурси и мали серии на производи, ќе може македонскиот текстил да биде конкурентен на европскиот пазар.“
17 • Зоран Кардула, со изложба на 30 графики во Полска
Klubo Galeria Dobro, во соработка со македонската амбасада во Полска, ја организираат овогодинешната серија на изложби од извонредни македонски графичари.
Првата изложба за оваа година ги содржи делата на познатиот илустратор Зоки Кардула и неговата серија од тринаесет графики коишто го прикажуваат брутализмот во македонската архитектура. Изложбата ја отвори амбасадорот на Северна Македонија во Полска, г-дин Илија Псалтиров, а истата ќе биде поставена во Klubo Galeria Dobro до крајот на оваа година.
18 • Александар Ношпал, овојпат со костимографијата за премиерата на „Ало Ало“
Нашиот светски познат моден дизајнер неуморно е присутен и на македонската сцена!
Ношпал, овојпат во соработка со Ивана Каранфиловска, ja изработи костимографијата за духовита пародија „Ало Ало“, во режија на Синиша Евтимов, чијашто премиера се одигра на 20 октомври на сцената на Театар Комедија.
19 • Слаѓана Вујошевиќ, во организација на „Скомрахи 2023“
Се одржа 31-то издание на меѓународни средби на студенти „Скомрахи“ на Факултетот за драмски уметности -Скопје!
Нашата менторка, Слаѓана Вујошевиќ, оваа година беше дел од организацијата на „Скомрахи“ во улога на програмски директор, придонесувајќи кон поразноликата програма и големиот број на филмови коишто беа прикажани и оваа година.
„Скомрахи“ се одржаа од 1 до 5 ноември, а во рамките на истите беа одиграни осум театарски претстави и беа прикажани 25 филмови на студенти од Романија, Србија, Полска, Хрватска, Косово, Албанија, Шпанија, Белгија, БиХ, Турција, Црна Гора, Чешка, Иран и Германија.
—
Раните уписи за академската 2024/25 се во тек!
Погледни академии! [тука]