Разговараме со нашите студенти – Алија Демиралиески, Ивана Гијовска, Ивана Груевска, Рената Стоименова и Бојана Хаџиева од Академијата за моден дизајн, за нивните семестрални проекти по предметот конструкција на облека и моден дизајн: изработка на здолништа со употреба на шкотско каро, под менторство на Никола Булески-Буле и Александар Ношпал.
Студентите споделија инспиративни детали за нивниот креативен процес – од првичните идеи до финалните модни парчиња. Ги открија предизвиците со кои се соочуваат, како и влијанието на менторите врз нивниот стил и пристап кон дизајнот.
Прочитајте што ни споделија…
★
Се одлучив за оваa идеја поради…
Алија Демиралиески:
„Убавината на цветовите“ е насловот на моето здолниште инспирирано од револуционерната „New Look“ колекција на Кристијан Диор, ова здолниште ја слави женственоста со префинета силуета и елегантни фалти. Симбол на грациозност и индивидуалност, го спојува класичниот гламур со современиот израз.
Ивана Гијовска:
Барокот, со својот раскошен колорит и богата орнаментика, го споив со панкот – движење што се спротивставува на аристократијата. Шкотското каро природно се вклопи во оваа приказна. Барокот и рококото претходеа на Француската револуција, додека панкот се бунтува против аристократијата. Денес, иако кринолините исчезнаа, суштинските општествени проблеми остануваат. Аристократијата сè уште тежи врз нас.
Рената Стоименова:
Се одлучив за оваа тема бидејќи стилот готика е стил кој е несекојдневен и се одвојува од она што сме навикнати да го гледаме, има своја посебна убавина и елеганција.
Ивана Груевска:
Во првиот семестар ја анализирав модата во „Belle epoch“, инспирирана од битолскиот стил „à la franga“ и неговото западноевропско влијание. Истражувањето ме одведе до Париз, каде „Мулен Руж“ се појави како одговор на културните движења на тоа време
Бојана Хаџиева:
Се одлучив токму за 80тите, поради тоа што биле едни од најлудите години, најшарените, најнеобични и интересни стилови. Имав голем спектар на инспирации. И го сметам тој период за најубав и најинтересен период до сега.
Ивана Груевска – „Сатин“
Бојана Хаџиева – „НОВ РЕТРО БРАН“
★
При процесот на креирање, се соочив со…
Алија Демиралиески:
Процесот на изработка беше исполнет со учење и креативност, но и со предизвици. Работата со шкотското каро бараше прецизност, додека изработката на свилениот колан беше тест за внимателност. Секој момент ме научи многу и ја продлабочи мојата посветеност кон модното создавање.
Ивана Гијовска:
Барокот се одликува со широк спектар на форми и интензивен колорит, што беше инспирација за мојата работа. Работејќи на реконструкција на стари фармерки, каде материјалот беше дебел и преклопен, се соочив со предизвици како многу скршени игли. Некои техники не успеавме да ги обрадиме на предавањата, па креативноста понекогаш го надминувала техничкото знаење.
Ивана Груевска:
Огромен предизвик и учење на неколку нови техники на манипулација со матријали како фелц, кроење на корсет, прецизно шиење. И општо планирање на целиот процес за да се осигура навремена егзекуција на делото.
Бојана Хаџиева:
Мојата идеја беше да ги спојам елегантната силуета и диско модата. Не можев да се одлучам за една, па ги комбинирав. Ја земав миди сукњата од 80-тите и ја трансформирав, додавајќи отворен шлиц и жолти паспули за контраст, додека основата е мини диско здолниште.
Ивана Гијовска – „Ние ја јадеме тортата“
Алија Демиралиески – „Убавината на цветовите“
☆
Академија за моден дизајн
Закажи средба со нашиот тим.
☆
★
За соработката при процесот, за менторите Никола Булески – Буле и Александар Ношпал би сакал/а да кажам…
Алија Демиралиески:
Менторот Никола Булески – Буле не беше само водич, туку и извор на трпение, знаење и инспирација. Неговата посветеност и внимателност во секој чекор беа неизмерно важни за мојот напредок. Начинот на кој ги објаснуваше дизајнерските принципи ми помогна да го усовршам моето дело и ја зголеми мојата страст за модата. Неизмерно сум му благодарен за тоа.
Ивана Гијовска:
Научив многу, како да згрешам и да поправам, како да се вратам назад и размислам. Менторите ме поттикнаа да размислам за процесот на креирање, како да преминам од идеја до реализација. Тие беа голема поддршка и секогаш имаа одговор на моите прашања.
Рената Стоименова:
Добив одлични насоки за понатамошниот напредок на проектот, што ми помогна да ја реализирам мојата идеја. Совети кои ми отворија нови перспективи и ме научија да гледам на модниот дизајн како на уметност со многу различни аспекти.
Ивана Груевска:
Добив непрекината поддршка, постојана достапност и вредни совети од менторите, кои несебично го споделуваа своето знаење, како стручно, така и животно. Нивната помош беше клучна за моето усовршување како дизајнер, но и како личност, подготвена да се истакне на пазарот.
Бојана Хаџиева:
Соработката со професорот Александар Ношпал беше и интересна и поучна. Тој ме исправи каде што грешев и ми помогна кога запирав. Професорот Никола Булевски исто така беше клучен за мојот успех – без него, моето здолниште не би било толку симетрично и прецизно. Неговата помош при кроењето и шиењето беше неизмерно важна.
Рената Стоименова – „Гарванот“