Разговараме со нашите студенти: Бисера Димчева, Изабела Угревска, Катерина Мојанчевска и Ристо Толичев, студенти на Академијата за визуелни уметности и Академијата за фотографија за нивните семестрални проекти по предметот Фотографија: „Репродукција/ реконцептуализација на дело на Андреј Павлов”, под менторство на Дејан Џолев.
За изборот на делата, нивното влијание и искуството со менторот низ академските часови, студентите ни открија интересни и уникатни детали. Секој од нив даде свој фотографски осврт на илустрациите на Андреј, откривајќи ја нивната метафорична позадина. Прочитајте што ни споделија…
★
Се одлучив за ова дело поради…
Бисера Димчева:
„Scallop“ беше првата илустрација што ми падна во око. Интуитивно ја одбрав без многу размислување (нешто што ретко ми се случува). Мислам дека она што ме плени беше минималистичкиот и јасен приказ на нешто комплексно како женското тело.
Изабела Угревска:
Ја одбрав илустрацијата „Букет“ затоа што ме привлече нејзината минималистичка композиција и симболиката што ја носи. Едноставните форми и контрастот помеѓу црната позадина и белите елементи создаваат силен визуелен ефект. Исто така, ми се допаѓа начинот на кој авторот го претставил букетот – наместо цвеќиња, користени се хартиени чамци, што за мене симболизира соништа и патувања, но истовремено претставува концепт кој остава простор за интерпретација.
Катерина Мојанчевска:
Делото „The stories that create our stories“ во мене разбуди многу пријатни емоции, при што преовладуваа чувствата на мир и спокој. Исто така, претставуваше вистински предизвик за репродукција, бидејќи на многу едноставен и суптилен начин се прикажува раѓањето на една идеја и нејзиниот развој, поврзувајќи два света.
Ристо Толичев:
За делото „Morning maker“ или „Создавање утро“ се одлучив затоа што многу ми се допадна токму таа илустрација на Андреј Павлов. Сакав да се забавувам, да истражувам, а воедно и ми претставуваше предизвик да рекреирам нешто што ќе биде интересно и несекојдневно.
Бисера Димчева – „Scallop“ – Андреј Павлов
★
При процесот на креирање, се соочив со…
Бисера Димчева:
Имав многу сомнежи за тоа како да ја постигнам задачата. Мислев дека ги немам соодветните технички познавања од фотографија и постпродукција за да изведам еден ваков проект. Но процесот на работа и поддршката од менторот ми покажаа дека сè што ќе замислиме може да се оствари и дека знаењето се стекнува со многу практична работа, пробување и пронаоѓање решенија.
Изабела Угревска:
Рекреирањето на ова дело ми претстави вистински предизвик, особено бидејќи фотографирав во домашни услови. Најголемиот проблем беше стаклениот бокал – рефлектираше сè околу себе, па во фотографијата се гледаше целата соба. За да го решам ова, морав да експериментирам со црни хамери и на крајот да создадам импровизирана „црна кутија“ со отвор во средината, низ кој ќе ја поставам камерата и ќе ги избегнам несаканите рефлексии.
Целиот процес бараше тимска работа – едно лице држеше еден хамер, друго го држеше вториот, а трето ја насочуваше столната ламба, додека остатокот од конструкцијата беше фиксиран. Сето тоа се претвори во вистинска операција, но на крај успеав да ги добијам посакуваните фотографии.
Катерина Мојанчевска:
Процесот на истражување и креирање беше возбудлив бидејќи имав можност и потреба да се соочам со нови начини на размислување и решавање на една задача. Имаше потреба неколку пати да се враќам на истата локација, додека не ја добијам соодветната фотографија за успешна монтажа, којашто исто така беше комплексна задача. Оваа практична вежба ми го зголеми ентузијазмот и желбата за работа на уште поголеми предизвици.
Ристо Толичев:
Па, да бидам искрен, воопшто не беше едноставно. Првично мислев дека ќе можам да најдам соодветно место за да фотографирам зграда во изградба, но најголемиот проблем беше што не можев да најдам соодветен агол, а притоа да ми одговара изгревањето на сонцето. Многу ми беа важни сенките за сè да изгледа колку што е можно пореално.
Имав среќа – по само два дена возење низ град (хаха), најдов зграда која не можеше да биде подобра. После тоа, сè навидум стана полесно – барем јас така мислев – сè додека не морав да барам одобрение за влез на едно градилиште, каде што имаше најсоодветен кран.
Сепак, луѓето беа супер, им објаснив што всушност правам и добив одобрение за влез.
Катерина Мојанчевска – „The stories that create our stories“
☆
Академија за визуелни уметности
Закажи средба со нашиот тим.
☆
★
За соработката при процесот, за менторот Дејан Џолев би сакал/а да кажам…
Бисера Димчева:
Би сакала да се заблагодарам на менторот за советите, коишто многу ми помогнаа во реализацијата на проектот. Беше отворен за соработка и навистина се трудеше да одговори на сите мои прашања и недоумици. Исто така, ме поттикна креативно да размислувам и да се уверам дека сум способна да направам нешто вакво.
Изабела Угревска:
Мојот ментор ми беше од голема помош во текот на процесот. Во еден момент се соочив со потешкотии бидејќи првичната идеја не излегуваше како што ја замислив, што ми создаде голема неизвесност околу успешната реализација на проектот.
Сепак, тој ме насочи да не се фокусирам на пречките, туку да останам истрајна, да продолжам да експериментирам и да барам нови решенија. Неговите совети ми помогнаа да пристапам кон проблемот на поинаков начин, да останам доследна на процесот и успешно да го реализирам.
Катерина Мојанчевска:
Пред да започнам со реализација на проектот, имав можност за подетална дискусија со менторот Џолев, чии насоки и охрабрувања беа клучни за разработка и добивање на крајниот резултат. Сметам дека анализата е најбитниот дел од креативниот процес при создавање на едно дело, при што менторите имаат значајна улога.
Ристо Толичев:
Процесот на фотографирање траеше неколку дена, и за жал, немав можност да побарам стручна помош, па морав сам да се помачам. Сепак, на последниот час се консултирав со менторот Дејан Џолев, кој ми даде многу практични совети што ми помогнаа во целиот процес.
Изабела Угревска – „Букет“
Ристо Толичев – „Morning maker“