Разговараме со нашите студентки: Леона Бибановска, Татјана Гиновска и Радмила Давидовиќ–Настев, студенти на Академијата за моден дизајн, за нивните семестрални проекти по предметите „Конструкција на облека со техники на кроење и шиење” и „Вовед во модна колекција” на тема: „Изработка на мини колекција на здолништа со употреба на шкотско каро”, под менторство на Никола Булевски и Александар Ношпал.
За самата идеја, процесот на изработка, нивното влијание и искуството со менторите низ академските часови, студентите ни открија интересни и уникатни детали. Секој од студентите има свој уникатен концепт и инспирација зад колекцијата. Нивните модни парчиња се пример за тоа како секој еден креативец на свој начин се изразува и интерпретира одреден наратив создавајќи автентичен свет.
★
Се одлучив за оваа идеја/стил поради…
Леона Бибановска:
Уште од мала сум била воодушевена од чудниот свет прикажан во „Алиса во земјата на чудата“. Видов можност да го преведам ова волшебно патување во модна колекција, користејќи ги препознатливите сцени и предмети од приказната за инспирација на моите дизајни. Ја одбрав оваа несекојдневна, необична тема, бидејќи е еден облик каде што се изразува слободоумноста.
Радмила Давидовиќ-Настев:
Инспирација за темата од првиот семестар ми беше Париз, поради тоа што тоа е град на уметноста, модата, музеите, преполн со споменици, романтика, добра храна и вино.
Татјана Гиновска:
Изборот на Вес Андерсон како инспирација примарно тргнува од тоа дека јас како личност се пронаоѓам во него, обожавам да раскажувам приказни, особено преку визуелниот аспект. Вес Андерсон е неисцрпен извор на инспирација, доста е комплексен, но истовремено, толку чист и едноставен, тој е одличен буквално во сите сегменти на раскажувањето, почнувајќи од комплетниот визуелен стил до уникатноста на наративот и тематската длабочина на самите филмови.
Колекција: Tinted tales, Татјана Гиновска
★
При процесот на дизајнирање се соочив со…
Леона Бибановска:
Во текот на процесот на креирање, наидов на различни предизвици коишто на крајот го збогатија моето знаење. Еден значаен предизвик беше претварањето на апстрактните концепти и слики од „Алиса во земјата на чудата“ во опипливи, носливи дизајни. Морав да најдам начин да ја избалансирам креативноста со практичноста. Дополнително, наоѓањето на совршеното каро коешто дава обележје на чудната природа на темата, исто такa беше еден предизвик за мене за којшто сметам дека всушност и ги надмина моите првични очекувања.
Радмила Давидовиќ-Настев:
Истражување на многу различни сегменти потребни во еден креативен процес, историја на мода, значење на боите во емотивна смисла, како да се направи амбиентална слика базирана на инспиративни слики како идеја за креацијата итн.
Татјана Гиновска:
Процесот беше будење. Многу работи открив за себе и за тоа што сè можам во ова поле. Се соочив со возбуда, исполнетост и доста интересни предизвици коишто само ми даваат мотивација да сакам повеќе.
Колекција: Down the rabbit hole, Леона Бибановска
★
За соработката при процесот, за менторите Никола Булески и Александар Ношпал…
Леона Бибановска:
Тесната соработка со менторите кои ми го трасираа вистинскиот правец за да ја реализирам мојата креација, секако имаа голем удел и ми беа поттик за првичното создавање на моето прво модно парче.
Радмила Давидовиќ-Настев:
Менторот Ношпал е секогаш подготвен да пренесе сè што е во полза на студентот, критичен, но и реален, ме поттикнуваше секогаш да направам уште подобро, но секако со сугестии и несебична помош.
Ќе го споменам и менторот Булевски, бидејќи тој е главниот во техничката изведба на креацијата и ќе кажам дека одлично се разбиравме и соработувавме.
Татјана Гиновска:
Да имам ментор за мене е ново искуство и е прекрасно, мојата втора инспирација се секако тие, нивните животни приказни и искуство, јас уживав буквално во секој миг поминат со нив. Тоа што го поседуваат како знаење вреди многу и сум многу благодарна што можев да работам и учам токму од нив.
Колекција: Животот е убав (la vie est bellе), Радмила Давидовиќ-Настев:
★
РАН УПИС до 15 јуни – Резервијрај го твоето место!
★