Нашите студенти се активно вклучени во работни активности. Голем број од овогодинешните студенти сè уште посетуваат пракса кај наши долгогодишни соработници, а дел од студентите праксата ја искусуваат во склоп на тимот на „Скала“.
Веруваме во потенцијалот и вештините на нашите студенти кои низ годините ни стануваат колеги и соработници, во моментов 4 студенти од академиите за дизајн се вработени во „Скала“, додека 8 студенти се ментори и асистенти на обуките и академиите за дизајн.
На наше огромно задоволство, поразговаравме со нашите практиканти, студентите од Академијата за графички дизајн, Анастасија Србиноска и Немања Пејиќ кои ни споделија за нивното досегашно искуство и развој како креативци во „Скала“.
Започнавме од самиот почеток, па ги прашавме со какво чувство ја примиле веста за добиената пракса во „Скала“.
Бев многу возбудена кога го добив првиот мејл, затоа што бев во исчекување на истиот, уште поголема беше радоста кога дознав дека праксата ќе се одржува во истата школа каде што го стекнав целото мое знаење, а чувствував и големо олеснување, бидејќи ги познавав сите дечки таму и знаев дека ќе биде пријатно искуство.
На прекрасниот одговор на Анастасија се надоврза и Немања кој искрено успеа да ни ја долови неговата емоција.
Кога првпат ми пристигна мејлот дека ќе бидам практикант во „Скала“, искрено мислев дека е грешка и кога препрашав, бев многу среќен дека не е!
Анастасија ни дојде на пракса во период кога почнуваа подготовките за најголемата изложба за дизајн, одлично се вклопи во тимот и веднаш се вклучи во сите дизајн-процеси. Ја прашавме кои се нејзините впечатоци од искуството…
За време на праксата, мислам дека стекнав многу знаење во повеќе области, бидејќи вработените во „Скала“ се трудеа да ме инволвираат во секој процес. Најмногу работев со Андријана Антова, графички дизајнер во „Скала“, на различни адаптации и дизајн-процеси и таа многу ми помогна уште повеќе да ја совладам Illustrator-програмата.
Немања од друга страна пак, се вклучи во продукција на фото и видео-сетови, како и премиерата на новата рубрика на Скала -поткаст: Студент vs Ментор, нова рубрика на „Скала“.
За време на мојата пракса во „Скала“, бев вклучен во повеќе проекти како: видео-монтажа, графички дизајн и асистент на фотографија.За време на сите проекти, јас сфатив дека реалниот свет на еден креативец не е ни приближно тоа што замислував… Треба да си подготвен за сите предизвици коишто се дел од процесот, соодветно да одговориш на барањата за да има подобрување и да не се откажуваш.
Во „Скала“, програмите се студиозно обмислени, учејќи ги студентите на мултидисциплинарност, пристап којшто несомнено ќе ги подготви за сите предизвици во кративната индустрија. На ова се надоврза Анастасија, споделувајќи ни во кои други кративни полиња, освен дизајн, би сакала да се вклучи.
Отсекогаш сум имала голема пасија за фотографијата. За време на мојата пракса во „Скала“, ја имав можноста да бидам дел од неколку фото-сетови, под менторство на нашата фотографка Ана В’чкова, но би сакала да се вклучам повеќе во постпродукцискиот дел и да научам нешто повеќе за тоа.
За крај, ги прашавме и двајцата како искуството од академија им помогна да се справат со секојдневните одговорности за време на нивната практична работа?
На што Немања ни одговори:
Мене оваа пракса ми ги отвори погледите во насоки коишто никогаш досега не сум ги знаел, ме подготви за понатамошната работа и ми помогна да воочам во кое поле сакам понатаму професионално да се надоградувам.
Праксата ми помогна многу во мојата freelance-работа, бидејќи со знаењето што го стекнав, научив многу нови tips and tricks на програмите за полесно да се снаоѓам на секојдневно ниво и да воспоставам подобра комуникација со идните клиенти.
-Додаде Анастасија.
Нашите студенти се наша гордост, се радуваме на сите нивни успеси и тука сме да ги поддржиме. Им посакуваме многу успех во работата и да слушаме за нив на светско ниво!
Честитки и со среќа Немања и Анастасија, ве сака „Скала“ ♥