Неодамна, основачот и CEO на „Скала“, Дејан Џолев, беше дел од отворена панел–дискусија во рамките на „Пробиј се во дигиталниот свет“, во друштво на Александра Митревска (Native Teams, Founder Games), Сања Митровска (Netwoerker) и Силвија Гелевски (iVote).
По повод 12–годишнината на „Скала“, споделуваме транскрипт од разговорот и одговорите на суперпровокативните прашања поставени oд модераторката на настанот, Елена Костоска.
Настанот се одржа во „Старт-ап клуб Скопје” пред повеќе од стотина млади претприемачи, студенти и креатори на стартап еко–системот во Скопје.
Како ја основавте вашата компанија и како е да се биде CEO?
Јас сум „веде” или вонреден CEO во „Скала“. Тоа е само сплет на околности и верувам дека во блиска иднина друго лице ќе ја преземе одговорноста и титулата. Многу повеќе уживам во создавање нови „сешта”, отколку менаџирање и развој на постоечки веќе „нешта”.
Приказната на „Скала” започнува пред 12 години, без јасна бизнис–визија, туку од многу едноставна причина „зошто да не”. Во тоа време, бев уморен од работа во маркетинг– индустријата, си дадов отказ од позиција на „Креативен директор” и решив повторно да студирам, а тоа значеше редовни предавања, вежби и домашни задачи. Со тоа се роди нов егзистенцијален предизвик – морам да заработувам за живот, исклучително за викенд. Па така, започнав со организирање на први кратки обуки од областа на дизајнот и уметностите, по провокација и инсистирање од студенти, мои блиски пријатели и соработници. Сега веќе со јасна визија и намера, „Скала” прерасна во најважниот расадник на лица за потребите на креативните индустрии.
Тоа искуство и експертиза денес го имплементиравме и во други дејности од технологијата и комуникациите, па така денес „Скала” нуди вкупно 11 академии за најважните и најплатените професии: https://www.skala.edu.mk/
Кој е вашиот совет за студентите кои би сакале да аплицираат за пракса или работа во вашата компанија?
Регрутацијата во „Скала“ се состои од неколку фази. Првата проценка е културолошката припадност на кандидатот, дали делиме слични вредности. Потоа доаѓа клучното интервју или проценка дали кандидатот има потенцијал за развој. Ова е многу поважно од моменталното знаење и искуство на кандидатот. Знаењето е нешто во коешто постојано мора да се вложува, индивидуално, но и во рамките на компанијата, преку онборд–системи, постојани обуки и следење на трендовите и новитетите во технологиите. Затоа, поголемо значење даваме на потенцијалот и желбата за развој, наспроти моменталното познавање и искуство, но се разбира и тоа си има своја тежина и важност. Формалното образование не ни е важно, на пример многу ни е поважно дали кандидатот бил дел од студентски организации и иницијативи за време на студирањето, отколку неговиот просек или степен на образование.
Но, доколку прашањето се однесуваше на конкретен совет, еве еден банален, но многу важен! Преорганизирајте ги вашите социјални медии. Не постои компанија којашто регрутира лице и не ви „чепка” по линкдин или инстаграм, со цел да направи „скен” на вашите интереси, навики, вашиот социјален и културолошки статус, верувајте ми, ова е многу поважно од вашето CV.
Кои беа најважните лекции што ги научивте за водење успешна компанија во дигиталната ера?
Една од најважните лекции, без разлика на ерата, којашто ја научив во водење на бизнис е дека никогаш повеќе нема да практикувам да вработувам менаџер на клучна позиција или на топ менаџмент–позиција, туку секогаш менаџерите ќе растат од внатрешноста на нашата компанија.
Новата ера е многу возбудлива! Бара постојана будност и следење на новите дигитални тенденции. Една од важните лекции е што побргу да се совлада „стравот” од воведување на радикални системски промени. Тоа значи дека вашата компанија ќе направи неколку чекори назад поради долги исцрпни обуки и системски промени, но сето тоа ќе вроди со плод којшто води кон оптимизација на ресурси од секаков тип.
На кој начин вашата компанија се прилагодува на технолошките промени и кои се најголемите технолошки трендови кои очекувате дека ќе ја обликуваат индустријата во иднина?
„Скала“ активно се прилагодува на технолошките промени. Изминатите неколку месеци, под „менторство“ на консалтинг-компанија за технолошки иновации од соседна Србија, работиме на преструктурирање на работните процеси во сите секторски единици.
За успешна имплементација на истото, потребна е обука на сите нивоа на нашата компанија. Токму во моментов, реализираме интерна обука којашто ќе ги обезбеди нашите тимови со неопходните знаења и вештини за да ги разберат и воведат новите работни процеси и технологии.
Тука, голема улога има и вештачката интелигенција, но таа не е тука да заменува и отпушта работници, туку да ги оптимизира и подобри процесите, а работниците -ние да се посветиме на посуштински работни процеси. Токму затоа, сметам дека ни претстои забавна иднина, пред сѐ од аспект на „славење“ и вреднување на интелектуалните вредности на секој поединец.
Како одлучувате кои кандидати се вистинскиот избор за одредена работна позиција?
Надвор од креативниот сектор во „Скала“, никогаш не сум тој што одлучува за ова! Секогаш проценката ја препуштам на поискусни колеги од мене.
Кога станува збор за креативна дејност, потребна ми е една минута да го препознам потенцијалот на креативецот. На пример, уште во 2012 год. ѝ кажав на мојата колешка Тамара Котевска дека ќе биде номинирана за Оскар во категоријата за најдобар документарен филм и сите добро знаеме што се случи во 2019 год. Не е тоа единствен пример за препознавање на креативен потенцијал, тука сум навистина добар! Но, кога станува збор за друг сектор, тоа го препуштам на колеги кои ја имаат способноста којашто ја немам јас. Но, генерално ќе се навратам на одговорот од предмалку, тоа е процес во неколку фази на интервјуа, со цел да го препознаеме системот на вредности и потенцијалот за развојот на кандидатот.
Кои се карактеристиките кај апликантите коишто прават да донесете одлука за унапредување?
Проактивност, страст, лојалност, припадност!
Како пристапувате кон одржување на баланс меѓу работата и приватниот живот во врвот на една компанија?
Зошто е воопшто потребно да се прави баланс помеѓу работата и приватниот живот?
Идејата за раздвојување на работата и приватниот живот е антипретприемачка. Верувам дека нашиот живот е комплексен и целосен и дека есенцијално е да го интегрираме нашиот професионален и приватен аспект за да постигнеме целосно задоволство и успех. За мене, работата не е само задача којашто ја извршуваме од 9 до 5, туку е дел од нашиот идентитет и начин на живеење. Исто така, приватниот живот не треба да биде разделен од работата, туку може да биде извор на инспирација, енергија и поддршка за нашата кариера.
Ова го зборувам од денешна позиција на претприемач, автор и сонувач. Можеби некој друг ден, кога ќе имам свое семејство, приоритетите и системот на вредности за животни навики ќе бидат поинакви. Денес, единствен личен недостаток и предизвик е да се пронајде повеќе време за поздрави секојдневни навики. Тоа е мојата единствена борба, да можат да ме соберат повторно старите омилени фармерки и сакоа.
Како ја градите и одржувате корпоративната култура во вашата компанија и зошто е таа важна за успехот на компанијата?
Како мал, бев креатор и организатор на маалските детски игри и збиранки, апсолутно ништо не е променето, освен околностите. Ова е уште една, но само малку поодговорна детска игра.
Мојата формална едукација е од областа на дизајнот и уметностите, но од друга страна, верувам дека имам природен талент за регрутирање на луѓе со слични интереси и вредности и нивно водење низ различни работни процеси. Патем и најдобрите менаџери не доаѓаат од факултетите за менаџмент, туку од потребата да се создаде нешто во комбинација со напорната работа. Корпоративната култура во „Скала“ е изградена како резултат на искрена комуникација. Без некоја посебна стратешка намера, туку спонтана, емотивна релација помеѓу луѓето и околностите.
Најважно на крајот од секој работен ден или етапа, е задоволството и успехот на нашите студенти и вработените во „Скала“. Ова не е клише–став, ова навистина е така! Во спротивно, не би го работел ова повеќе од 12 години.
Кои се вашите совети за младите претприемачи кои сакаат да започнат свој бизнис во денешната конкурентна средина?
Од моето искуство, ќе нагласам дека во првата фаза има многу важни ситни потфази. Најважна е желбата и психо-физичката состојба на телото и умот! Ова верувам нема да се спомне во учебникот на факултет. Верувам таму се зборува за поими како истражување на пазарот, градење мрежа – популарно кажано „нетворк“, оригинален корпоративен визуелен идентитет, да бидете отворени кон иновации и постојано учење… и да! Сѐ ова е точно. Сѐ ова ќе се случи доколку ние сме истрајни во идејата. Веднаш по телото и умот, ќе го додадам инвестирањето време и пари во вистинските луѓе.
Како вашата компанија пристапува кон одржливост и социјална одговорност и кои се вашите иницијативи во оваа област?
„Скала магазин“ е нашиот подарок за овој град. https://skala.mk/ и е платформа за дизајн и визуелни уметности, отворена со цел за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена, преку дигиталниот и печатен медиум со содржини од едукативен и информативен карактер, но и организација на изложби, саеми, панел–дискусии и уште многу други настани од социјално-едукативен карактер.
Што е актуелно во „Скала“?
„Скала“ го прошири своето поле на делување со воведување на нови академии од областа на технологиите и менаџмент. Тоа се Академијата за дигитален маркетинг, во соработка со дигиталната маркетинг–агенција „Пиксел“, Академијата за човечки ресурси и регрутација, како и новите академии за „фронт-енд деволопмент“ и „софтвер тестер“.
Уписите за новата учебна 2024/25 год. се во тек. Студентите го користат овој период поради попустите за ран упис, како и можноста за плаќање на повеќе рати.
Сите заинтересирани може да се информираат повеќе на нашата нова веб–страна: https://www.skala.edu.mk/ или пак, да нѐ посетат во нашите канцеларии и да го запознаат мачорот Бумбар.