„Скала“ е посветена на тоа да им овозможи на студентите да растат и да се развиваат во професионалци кои се подготвени за предизвиците на современиот свет. Нашите партнерства со водечки компании, им овозможуваат на студентите да ги надоградат своите вештини и да се стекнат со вредни искуства.
Со голема радост ви ја претставуваме компанијата „Футура 2/2“ којашто ќе се придружи на нашата мрежа на соработници како една од водечките маркетинг-агенции на домашниот пазар.
„Футура 2/2“ ќе им овозможи на нашите студенти да посетуваат пракса, да работат на иновативни проекти и да се запознаат со најновите трендови во дизајнот, додека се под менторство на врвни професионалци.
Ова партнерство претставува уникатна можност за нашите студенти да се развиваат во успешни креативци и да ги остварат своите професионални амбиции.
Како веќе етаблирана агенција на пазарот, „Футура 2/2“ се издвојува со богато портфолио на креативни и успешни проекти коишто секогаш предводеле со својата иновативност.
Па така, „Футура 2/2“ со својата визионерска перспектива, веднаш го препозна потенцијалот на нашите студенти и понуди платформа и можност да го изразат својот талент, знаење и креативност.
Можности и бенефиции од соработката
Иван Унковски, извршен директор на „Футура 2/2“ и Елена Каранфилова, директорка за односи со клиенти во „Футура 2/2“ ни споделија како тие гледаат на оваа соработка.
Оваа соработка помеѓу Скала и Футура претставува одлична врска помеѓу образованието и индустријата или теоријата и праксата. Денешната креативна и рекламна сцена се менува брзо, а теоретското знаење повеќе не е доволно – студентите мора да се запознаат со реалните предизвици, индустриските трендови и работата во агенции. Со ова партнерство, можеме да создадеме практично, интерактивно учење, коешто ќе биде корисно и за студентите и за професионалците.
Студентите добиваат практично искуство и клучни вештини преку работа на реални проекти со професионалци.
За студентите, најголемата предност е можноста да работат на реални проекти со вистински клиенти, под менторство на искусни професионалци од Футура. Ова им дава практичен увид во брендирањето, рекламирањето, раскажувањето приказни и маркетингот – вештини коишто се клучни, но тешко се усвојуваат само преку традиционалната настава. Ќе искусат работа под кратки рокови, ќе научат како да ги презентираат своите идеи и ќе стекнат разбирање за бизнис-аспектот на дизајнот и рекламирањето. – истакна Елена Каранфилова
Футура е агенција којашто може да ја препознаете преку работата на најкул рекламите за „Златен даб“ или пак оние за општествена свесност како „Гласно против насилството“. Нивното портфолио изобилува со идејни решенија на креативни проблеми коишто постигнуваат успех на пазарот. Погледнете повеќе на нивната веб страна- Futura 2/2
Го прашавме Иван како соработката со студентите придонесува за развојот на креативниот сектор во Македонија и кои се нејзините долгорочни придобивки на што тој истакна…
„За Футура, оваа соработка носи нови перспективи и свежа креативна енергија во нашите проекти. Студентите по природа се љубопитни, храбри и иновативни, што ни помага да истражуваме нови концепти и да останеме конкурентни во индустријата. Дополнително, ни дава можност рано да ги идентификуваме и менторираме најдобрите таленти, кои подоцна можат да станат дел од нашата професионална мрежа.
На поширок план, оваа соработка го зајакнува креативниот сектор во Македонија, подготвувајќи нова генерација на професионалци кои ќе бидат подобро обучени, пофлексибилни и поиновативни. Исто така, отвора можности за заеднички проекти, работилници и индустриски настани, коишто ќе придонесат кон развојот на креативната заедница. Како агенција со дваесет годишно искуство на пазарот, чувствуваме и одговорност континуирано да даваме свој придонес кон заедницата, па инвестирањето во млади таленти е еден од нашите приоритети.“
Пракса за студентите на „Скала“ во една од најуспешните маркетинг агенции!
Индустриите за дизајн и адвертајзинг се динамични и постојано еволуираат, со нови технологии, потрошувачки трендови и креативни пристапи коишто се менуваат од година во година. Способноста брзо да се прилагодиш, да размислуваш стратешки и да ги реализираш идеите ефикасно и креативно е клучот за успех во ова поле.

Практичното искуство е неопходно, бидејќи студентите ќе научат работи што не можат да се совладаат само преку теорија, како што се:
- Критичко размислување и решавање на креативни проблеми во реални услови
- Креативно развивање на идеи и концепти за промоција на конкретен производ
- Работа во тим и соработка со клиенти и професионалци
- Управување со проекти и рокови, без компромис на квалитетот
Преку оваа соработка со Футура 2/2, студентите ќе работат на реални кампањи, ќе се запознаат со различни алатки и ќе ги усвојат најновите дизајнерски и маркетинг техники. Нивната пракса нема да биде само за технички вештини – ќе научат и како стратешки да размислуваат, како да ја ангажираат публиката и како да создаваат визуелни пораки коишто се издвојуваат на пазарот. – додаде Елена Каранфилова
Денес се бараат професионалци кои не се само дизајнери или маркетери, туку креативни решавачи на проблеми, кои знаат да ја спојат креативноста со технологијата и барањата на клиентот.
Со какви вештини и искуства ќе се стекнат студентите работејќи во Футура и како тоа ги подготвува за иднината во креативната индустрија?
Со практично искуство во Футура, студентите ќе бидат поподготвени да влезат во индустријата со самодоверба, без разлика дали сакаат да работат во агенција, да отворат свој бизнис или да работат како фриленсери.
Истовремено, работата во реално работно опкружување ќе ги научи како да бидат агилни, проактивни и континуирано да учат, што ќе им помогне да останат релевантни и конкурентни дури и кога пазарот се менува.
На крајот, оваа соработка е многу повеќе од обична студентска пракса – тоа е можност за оформување на новата генерација на креативни професионалци, давајќи им ги алатките, менталитетот и искуството што ќе им помогнат да успеат во оваа индустрија. – ни сподели Иван Унковски
Со големо задоволство ја најавуваме оваа соработка и со нетрпение се подготвуваме за новите предизвици.