Помина уште една успешна и продуктивна година за студентите од Академијата за моден дизајн при Школата за дизајн и технологија „Скала“.
Од првите искуства со модна илустрација, преку технички цртеж и техники на моделирање до дизајнирање на сопствена модна колекција, студентите на Aкадемијата искусија комплетна професионална трансформација, креирајќи автентични модни колекции и парчиња облека.
Како дел од овогодинешната програма, студентите изработија фото-едиторијали на своите модни колекции, комплетирајќи го искуството на дизајнирање од идеја до реализација. Студентите имаа можност да се вклучат во процесот на подготовки и планирање на еден моден фото-едиторијал, да ја почувствуваат атмосферата за време на фотографирање во студио, избор на модел, аутфит и насоки при фотографирање.
По тој повод, разговаравме со неколку студенти кои ни открија повеќе за нивната инспирација и процесот на дизајнирање на нивните модни колекции!
Модна колекција „LIMITLESS“ на Радмила Д. Настев
Покрај модата, Радмила отсекогаш била привлечена и од архитектурата, па за неа природно било модната колекција да биде инспирирана од една исклучителна градба на светски познатата архитектка Заха Хадид.
Објектот е карактеристичен по своите импресивни, атипични, но системски криви и по обрасците на водени облици, тoпографски облици, но во суштина истите се истовремено флуидни, чисти и едноставни. Овие облици се изразени во колекцијата, но посебен печат на истата ѝ дава текстурата во форма на бранови, песочни дини коишто за мене се израз на нешто што нема граници, нешто што егзистира во просторот без лимит, без ограничување. Материјалите коишто се користат во колекцијата се природни, како памук, свила, а боите од бела којашто изразува чистина, па преку златножолтата, златната, нијанси на капучино до кафеава како израз и спој со природата. И во поглед на тоа кому му е намената колекцијата, до израз доаѓа името „Limitless“. Денешната жена која е свесна за своето постоење и својата важност во заедницата, го руши стереотипот за возраста – затоа ја наменив за секоја девојка и жена која ја сака слободата на изразувањето, ја следи и вреднува модата, ја сака уметноста, сака добра изложба, балет или театарска претстава – вели Радмила.
Низ приказните и креативните решенија, студентите ги водеше менторскиот тим составен од врвни експерти со долгогодишно искуство, како: Проф. Никола Булевски – Буле, Проф. Александар Ношпал, Ирина Тошева и Елена Вангеловска, во соработка и поддршка со останатите ментори на Академијата.
♡
Модна колекција „URBAN ARMOUR“ на Татјана Гиновска
Колекцијата на Татјана Гиновска ја опфаќа суровата, груба суштина на урбаниот живот, со дизајни коишто служат и како заштита и како израз.
Како архитект со долгогодишно искуство, оваа модна колекција претставува одлична можност да се спојат моите два омилени креативни света – архитектурата и модата. Со црпење од принципите на бруталистичката архитектура, колекцијата „Урбан оклоп“ овозможи истражување за тоа како структурниот дизајн може да влијае на личната естетика. Текстурите играат клучна улога, со тешки, структурирани ткаенини коишто ја повторуваат цврстината на бруталистичките згради, додека симетричните кроеви и нагласените пропорции го рефлектираат акцентот на архитектонскиот стил на функцијата над формата. Монохроматска палета на бои и дизајн подготвен за улица, оваа колекција ја спојува бескомпромисната убавина на брутализмот со практичноста и предностите на уличната облека, нудејќи моќен, стилски оклоп за модерниот урбан воин – вели Татјана.
Овој проект покажува дека јазикот на архитектурата – неговиот фокус на формата, функцијата и материјалноста може да најде израз надвор од објектите -во она што го носиме.
Искуството од изработката на „Урбан оклоп“ ја потврди идејата дека дизајнот, во сите негови форми, е меѓусебно поврзан. Беше возбудливо искуство да се видат архитектонските концепти како оживуваат во ткаенината, создавајќи парчиња коишто се носат и ја отелотворуваат силата и еластичноста својствени за урбаните средини – ни раскажа Татјана.
♡
Модна колекција „Пастелна симфонија“ на Христина Стојаноска
Христина Стојановска ни ја претстави својата колекција „Пастелна симфонија“ – модна колекција дизајнирана за жени со отмен и софистициран стил кои ја истакнуваат својата женственост преку префинети и внимателно одбрани модни парчиња.
Во свет каде што владее минимализмот, боите се тие коишто му даваат живот на канвасот на едноставноста. Нејзината последна колекција „Пастелна симфонија“, е сведоштво за оваа филозофија. Името ја отелотворува хармоничната комбинација на пастелни нијанси каде што секој пастелен тон игра своја улога во создавање визуелна симфонија којашто е истовремено смирувачка, но и впечатлива.
Инспирирана од Мирaи дизајн дистриктот во Мајами, место каде што се испреплетуваат модерното и традиционалното, оваа колекција ја доловува суштината на елеганцијата. Архитектонските линии на дистриктот, пастелните нијанси и неговата перфорирана транспарентна текстура ги претставив преку пастелни комбинезони, панталони и фустани од лесни материјали, секое парче внимателно украсено со плисирани детали. Имено, колекцијата е вистински одраз на мојата лична естетика – минимализам со ненаметливи детали. Како некој кој ретко прифаќа смели бои, за мене пастелните тонови нудат совршена рамнотежа помеѓу едноставноста и живоста. Тие носат нежна, префинета енергија којашто резонира со мојата љубов кон суптилната елеганција – вели Христина.
Наративот на оваа колекција е како едноставноста може да има длабок ефект и како нежните, пастелни нијанси можат да го трансформираат обичното во нешто навистина извонредно.
♡
Модните колекции на студентите од Академијата за моден дизајн, ќе имате можност да ги погледнете на Fashion Weekend Skopje!
♡
Модна колекција „GOJU-NO-TO“ на Леона Бибановска
Леона ја добива инспирацијата од јапонската култура, поточно од будистичките храмови, наречени „Пагоди“ чијашто архитектура ја преточува во една модернизирана линија на уникатни парчиња облека.
Пагодите се петкатни кули со впечатливи бои и остри кровови каде што секое ниво претставува еден елемент: земја, вода, оган, ветер и вселена. Отсекогаш сум носела јаки, разиграни бои и сум целела кон тоа да се разликувам од мнозинството. Па токму затоа, насловот на мојата колекција е „GOJU-NO-TO”, будистичкиот храм којшто се наоѓа на островот Miyajima којшто е атрактивен и единствен. Впечатливите јаки бои и острите завршетоци на Пагодите ме инспирираа да создадам колекција којашто ќе биде наменета за смели девојки и жени кои без разлика на годините, сакаат да изгледаат моќно и да се во центарот на вниманието. Сакајќи да ги доловам тие карактерни особини, во облеката се прикажани материјали коишто покажуваат цврстина и остри агли и сите парчиња се преточуваат во убавината на Miyajima – ни раскажа Леона.
♡
Модна колекција „Dialing into dreams – When fantasy meets rhythm over the airwaves“ на Олгица Тренеска
Колекцијата на Олгица црпи инспирација од енергичната и надреална уметност на македонскиот сликар Вангел Наумовски. Олгица ни раскажа дека неговото дело евоцира елементи на еросот, природата, водата и животот во неа кои длабоко резонираат со неа.
Кога ги гледам неговите слики, се потсетувам на ритамот и културните вибрации на мојата омилена музика – фанкот. За конечниот изглед, сакав да ги покажам моите вештини за хеклање, внесувајќи ги со примеси на македонската култура, создавајќи уникатен спој којшто го отсликува и моето наследство и уметничката визија. Девојката која ја замислувам да го носи ова, е некој што сака да експериментира,танцува, пее и не сфаќа сè премногу сериозно – just like my Lady Miss Kier – вели Олгица.
Едиторијалот е изработен во соработка со студентите од Академијата за фотографија: Тео Костовски, Стефани Стојановска, Јана Голабоска и Наташа Латиновска, во рамките на предметот Студиска фотографија, под менторство на Дејан Џолев и асистент Ана В’чкова.
♡
Модна колекција „POWER & PROVOCATIVE“ на Ненад Селкиќ
Се радуваме на прекрасната соработка и впечатливите фотографии и се гордееме на нашите студенти!
Модели на едиторијалот се Мила Драговиќ и Ангела Грамосли од модната агенција „МОДЕЛС ИН“. Со голема радост им се заблагодаруваме на студио „Фран“ за прекрасната шминка, како и за извонредната соработка и поддршка којашто им ја пружија на нашите студенти.
♡
Во тек се уписите на нови студенти за учебната
2024/25 година.
Закажи средба со наставниот кадар на „Скала“ и запознај се со програмата, условите за студирање и можностите по завршување на Академијата.