Skip to content
академија за визуелни уметности, студенти, реални проекти, скала академија

Топ 3 за месец јуни

Најозборуваните дела од студентите на Академијата за визуелни уметности при Школата за дизајн и уметност Џолев и уметностите.


„Најдобар фотоапарат е оној што го имаме со нас!“ -вели Драги Неделчевски, и во право е, но најчесто тоа се нашите смарт-телефони, коишто ни овозможија секој од нас да е фотограф! Фотографијата никогаш не била толку жива, истовремено фотографијата никогаш не била толку мртва! Најголемиот проблем на фотографиите кои ги правиме со нашите смарт- телефони, воопшто и не ги гледаме… „Колку помалку имаш, толку си покреативен“, е максимата на Вим Вендерс, но верувам и повеќето креативци не само што ќе се сложат со истото, туку некогаш и го кажале истото. Колку помалку техника/опрема поседуваме, толку сме повнимателни во процесот на создавање и поселективни во чинот на претставување.

Академијата за визуелни уметности е богата со мултидисциплинарни студенти. Од непроценливо значење е да созреваш и да се дружиш со таква група. Изминатиот месец ќе го посветиме на студентите чијшто прв медиум е фотографијата (и филмот). На дилемата Дали фотографијата е мртва или е во транзиција на преродување, нека одговорат токму нашите студенти?!

 

КОСТА ПАНОВСКИ

Објективот на Коста е многу храбар и дрзок. Не секој објектив (фотограф), е подготвен да се соочи во дуел со непознат протагонист на улица. На неговите градски документарни есеи и ситуации, секогаш во фокус е нечие лице, во точна, искрена експресија, емоција. Коста е „невидлив“ фотограф на улиците, како луѓето да не го забележуваат неговото дејствување или пак, Коста е премногу внимателен и умешен во пристапот и успева да го препознае и фотографира вистинскиот момент во прекрасни ликовни композиции. Јас, како набљудувач на неговите фотографии, имам чувство дека Коста не е свесен за големината на неговите фотографии и неговиот фотографски капацитет. Објективот на Коста не е само храбар и дрзок, тој е повеќе од интелигентен и искрен.

 

 

Автор: Коста Пановски
Инстаграм: ko___pan
Наслов [ред I]: 1/Aleks, 2/Movement, 3/LadyinRed, 4/Looks;
Наслов [ред II]: 5/Reflection, 6/Can’tSeeCan’tTalk, 7/Joy, 8/Shape&Reflection.
Медиум: Фотографија
Академија: Визуелни уметности

 

КОСТА: Фотографијата како медиум, во целост ми е омилен начин на изразување, особено уживам во документарната и уличната фотографија. Лица, емоции, експресии од луѓе, улица, мириси… Сите ние, какви што се познаваме, а може и не. Веќе некое време, работам како графички дизајнер во студио. На Академијата за визуелни уметности, открив многу нови методи на работа, подобар пристап и начин на решавање на проблемите во текот на работата. Како важен момент во мојот случај, можам да го издвојам динамичниот начин на учење, работа, размена на идеи и знаења со колегите и менторите. 

 

АНТОНИО СТАНКОВ

За разлика од „вистинитоста“ на Коста, Антонио е фотограф кој има за цел да го пронајде поубавото во убавото. Себе се претставува како моден и портрет-фотограф, но јас, како негов ментор, ќе додадам дека е експерт и за постпродукција и монтажа на фотографија, задолжителна вештина за секој фотограф, без разлика на дисциплината во којашто создава. Антонио е хиперпродуктивен фотограф, неуморен во физички и креативен контекст. Во оваа рубрика, издвојувам две негови фотографии коишто беа објавени на две насловни страни на „Скала магазин“ за месец јуни. 

 

Автор: Антонио Станков
Инстаграм: stankovantonio
Фотографија I: 
Елена Гугоска / DRAWSPECTIVE / Skala Magazine no.I
Фотографија II: 
Мартина Пенева / APORIA / Skala Magazine no.III
Медиум: 
Фотографија
Академија: 
Визуелни уметности

 

AНТОНИО: Фотографиите се наменски портрети, визуелни решенија за потребите на насловната страна на „Скала магазин“. Работени со вистински ентузијазам, чијшто квалитет/вредност/или некој друг синоним, треба постепено (скала по скала) да расте и да се подобрува. На овој проект сум посебно горд и го работам со задоволство, особено што е соработка помеѓу нас, студентите од Академијата за визуелни уметности, спој на нашата креативност и техника.

 

ДИМЕ ДАНОВ

Диме е визуелен поет. Неговите фотографии се поезија. Оваа фотографија е една од најобичните фотографии, но истовремено и една од највпечатливите. Истовремено нема ништо, но и преполна со сè што треба да има. Празна и полна. Нема што да гледаш во неа, а може да ја гледаш со часови. Тоа е големо мајсторство, претпоставувам Диме создава од чиста импресија, без конретна намера да нè хипнотизира како набљудувачи. Тој создава инстинктивно, како резултат на неговото љубопитното истражување, трпеливо и тивко набљудување, искрено и ненаметно опсервирање на просторот, светлината, бојата, текстурата… Диме Данов е поет.

 

Автор: Диме Данов
Инстаграм: dimedanov
Наслов: 
Само за вили и вилењаци 
Медиум: 
Фотографија
Академија: 
Визуелни уметности

 

ДИМЕ: Фотографијата е создадена во Копришница, во близина на црква. Тука, сè гали околу нас,  мирисот на мајчина душа и диво оригано. Во црквата, баба Вера нуди благослов. И потоа паѓа самрак, долга експозиција, помошно светло и штрак…! 

 

 

САРА САРАЛИЕВА

Во ова месечно издание, за првпат имаме гостување.  Сара е студентка на Академијата за графички дизајн. Таа е илустратор. Барем во оваа нејзина рана фаза од нејзиното творештво, таа пред да започне со студии на академијата, дизајнот ѝ бил само желба, а денес таа вели: „Зошто не се запишав порано?!”. Неуморно илустрира на секаков тип подлоги, површини, квадратури, материјали: хартија, чаши, маици… и на облаци!

 

Автор: Сара Саралиева
Инстаграм: sara.daily.illustrations
Наслов: 1/Clouds as inspiration, 2/ha! ha! ha!, 3/Weird clouds.
Медиум: Фотографија + илустрација
Академија: Графички дизајн

 

САРА: Секој од нас, барем еднаш застанал за миг да ги погледне облаците и да препознае фигура на некое животно, предмет или сосем нешто друго имагинативно. Барем јас го правам тоа секогаш кога има облаци, зашто ми го дава она топло чувство на детство. Целиот процес е многу едноставен и би можел да го направи секој. Почнува со еден облачен ден, фотографирајќи ги облаците (обично со мобилен телефон, затоа што секогаш ми е при рака) и завршува на Adobe Illustrator, исцртувајќи линии според формите што во тој момент ги гледам. 

На Академијата секогаш насмеаните колеги и колешки, и секако прекрасните ментори, во најпозитивна
смисла ми го сменија погледот на животот, и мене како личност. Тоа е искуство само по себе. Замисли
да го работиш тоа што од секогаш искрено и најмногу си го посакувал/а!? Јас замислував и еве сега ми се
остварува!

 

 

ПОГЛЕДНИ ГИ ТОП 3 ЗА МЕСЕЦ МАЈ

×
скала скул-џолев-академии

Остави инфо да те контактираме:

×
скала скул-џолев-академии

Остави инфо да те контактираме: