Најозборуваните дела од студентите на Академијата за визуелни уметности при Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“.
Овој месец школата прослави 8 години од првиот одржан час. На денот на роденденот (3 мај) неофицијално ја претставивме првата студентска платформа за дизајн и уметност – Скала Магазин, која активно со свои содржини ќе започне на 1 јуни. Токму оваа рубрика од идниот месец се сели на Скала!
Сите овие поводи, нè инспирираа да „пробуричкаме“ по нашите алумни од Академијата за визуелни уметности и нивните последни активности што оставија впечаток пред сè на социјалните медиуми во месец април, од веќе познатата причина која нè одвои од нормалните општествени текови.
Иван Мегленов
Ќе започнеме со Иван Мегленов, студент од генерацијата 2017/18, кој веднаш по завршување на aкадемијата започна со пракса во „Сеавус едукативен и развоен центар“, каде што денес е вработен во маркетинг-секторот како графички дизајнер.
Ако можеме делото да го сместиме во ликовна дисциплина, тоа би било мртва природа. Или пак, во најчестиот пејзаж со којшто се сретнуваме изминатите недели. Воодушевува оригиналноста во ликовниот и идејниот пристап од причина што се изнагледавме 2-Д (деликвентистички) илустративни решенија. Иван, покрај идејната концепција, ни покажува занаетска вештина на вистински ликовен уметник, преку макотрпна и трпелива работа на сенчење точка по точка со што постигнал волумен (и тактилност) на препознатливите елементи oд круцијално значање на нашето суштествување, додека лоровите венци ја возвишуваат атмосферата, како парабола на реалноста, со цел да ја дополни катарзата на оваа пред сè, саркасична композиција.
Автор: Иван Мегленов
Наслов на дело: Фокусирај се на доброто
Медиум: Дигитална графика
Академија: Визуелни уметности (2017/18)
ИВАН: Во овие неколку месеци, целиот наш фокус е на глобалната состојба со пандемијата и економската криза како последица. Сите сме засегнати и размислуваме за тоа како ова влијае на нас и што ќе следува. Заобиколени сме од негативни вести и информации, од телевизија до социјални медиуми. На сите ни создава голема анксиозност, но кога толку многу работи се надвор од наша контрола единствено што ни останува е да ги почитуваме препораките од СЗО и да се фокусираме на својот живот и да го правиме она што нè прави среќни. Би било одлично доколку би можеле овој период во карантин да го искористиме за да се фокусираме на себеси, да се зближиме со своите блиски, да ги поправиме односите со нашите родители и деца, да научиме некоја нова вештина, да станеме подобра верзија од себе.
Софија Цветковиќ
Продолжуваме со убави вести! Софија (Софи) е студентка на Академијата за визуелни уметности од генерација 2018/19. Денес, работи како графички дизајнер во маркетинг-агенцијата „Публицис“, а надвор од професионалните активности времето го поминува фотографирајќи сè и сешто.
Софи изминатиот месец се сети на каталонскиот празник St Jordi, кој се празнува на 23 април и реши да го прослави со дигитален квадриптих. Тоа е денот на книгата и розата во Каталонија. Прекрасно!
По дефиниција ова би можело да се карактеризира како минималистичко графичко решение во однос на употреба на ликовни елементи и принципи (боја, форма, линија, текстура…), што претставува препознатлив визуелен наратив за Софија. Во нејзините дела се забележува постојана тенденција на расчленување на формата, често (како и во овој случај) со помош на ритмичко повторување постигнува патерни и дезени што можат да функционираат сами за себе, но истовремено и да се применат/аплицираат во поширок комерцијален контекст.
Автор: Софија Цветковиќ
Наслов на квадриптих: St Jordi
Медиум: Дигитална графика
Академија: Визуелни уметности (2018/19)
СОФИЈА: St Jordi е еден од најубавите каталонски празници, каде што се празнува светецот Џорди, кој според каталонската легенда бил јунакот кој ја спасил принцезата од змејот. Таа му дарува книга, а тој нејзе – роза. Не ме допре толку приказната, колку што ме допре тоа како Каталонците го слават овој ден: градовите се полни со рози, од прозорци, клупи, кровови, излози, улиците се полни со книги и луѓето тој ден го поминуваат подарувајќи си книги и рози :’) Иако е клише-приказна (принцеза и змеј), има нешто посебно во тоа што еден народ масовно одбира да празнува такво нешто на таков начин. <3 🌹
Лазар Зафировски
Лазар е студент од генерацијата 2017/18. По завршување на Академијата се вработи како фотограф во модната куќа „Елена Лука“, додека денес на сопствен ќеф работи како фриленс- портрет и моден фотограф.
Делото е реализирано во соработка со модниот бренд LUDUS и е дел од фотоедиторијалот за новата колекција „Post-gender Chapter II”.
Модниот фотоедиторијал одликува со успешна метаморфоза помеѓу експресијата на телата и просторот. И двата елементи студени, недефинирани, бесполови, неземски, утописки. Фото-есеј што успешно се надоврзува и до инспирацијата на самиот автор, со цел полесно наметнување кон целната група – купувачи, преку јасно дефинирана естетика со цел потенцијалниот купувач да се препознае или одбие од производот што е исклучително важно за секој моден бренд.
Автор: Лазар Зафировски
Медиум: Модна Фотографија
Академија: Визуелни уметности (2017/18)
За: LUDUS (моден бренд)
Модели: Ивана / Стефан / Филип
Шминка и фризура: Мартина Ивановска
ЛАЗАР: Освен со модна фотографија, практикувам и портрет и акт-фотографија. Едноставно сакам да фотографирам луѓе, лица, тела… Целта ми е да изразам емоција и чувства преку фотографиите, таква беше и мојата прва изложба „Mágoa“ (2018) отворена во галерија „Акантус“.