Најозборуваните дела од студентите на Академијата за визуелни уметности при Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“.
Каде е убавото, во објектот или во умот на набљудувачот? За овие прашања се расправа уште од антиката. Размислувања за убавото, возвишеното, вкусот или „естетика“ наука за сетилното спознание како што ја дефинирал германскиот филозоф Баумгартен.
Една од најголемите, ако не и најголемата заблуда која постои во размислувањата за и околу дизајнот и уметноста е дека за вкусовите не се расправа. Вистината е дека вкусовите не треба да се наметнуваат, всушност, доколку не говориме за вкусовите, што ни преостанува?! Со што ќе се занимаваме сите ние, кои сме ги одбрале дизајнот и уметноста како повик, ако не со постојано проблематизирање, надоврзување, критика и превреднување на вкусовите?! Што ќе се случеше со уметностите доколку, скриени зад лажната максима „за вкусовите не се расправа“, постојано бевме упатени да се восхитуваме на еден уметнички стил, еден правец, еден дискурс во расправите за уметноста?!
Да се направи селекција на најдобрите три дела од изминатиот месец на Академијата за визуелни уметности, програма на која студираат 22 студенти, е навистина тешка позиција. Токму затоа оваа рубрика ги претставува најозборуваните, оние дела кои оставиле впечаток при анализа на часовите, социјалните медиуми или други „корзо“ концепти. Всушност расправата оттаму, ја продолжуваме во оваа форма, сè со цел наметнување на поширок дискурс во споменатиот контекст.
Илијана Такашманова
Одбројувањето го започнуваме со илустративен триптих на Илијана, дело кое одекна по социјалните медиуми преку интервјуто на Радио Моф. Делото може да го карактеризираме пред сè како супкултурна опсервација. Дали ова дело е носталгичен копнеж, алегорија на осумдесеттите и деведесеттите години од минатиот век или пак раскажување на вчерашниот ден?! Василиј Кандински, големиот сликар и ликовен теоретичар во неговот дело „За духовното во уметноста“ меѓу другото вели: „Бојата е ликовен елемент која кај набљудувачот предизвикува директна емоционална реакција“. Следејќи го овој психолошки феномен, можеме да кажеме дека се работи за визуелна пенетрација во минатото, преку изборот на колоритната палета, пред сè поради изборот на сепија подлога, која веднаш алудира во нашата потсвест дека тука поминало многу време и дека ова не е кадар од вчерашниот ден во скејт-паркот. Бојата е јазик, а да се зборува е привилегија, тоа се првите лекции на нашата академија.
Автор: Илијана Такашманова
Наслов на триптих: Just a flick through my concave
Композиција I: Airskate
Композиција II: Skate
Композиција III: Shoe
Медиум: Дигитална графика
Академија: Визуелни уметности
ИЛИЈАНА: Илустрациите имаат огромно влијание од секојдневието, но препознатливи сегменти во моите дела доаѓаат и од јапонска култура. Како и самиот псевдоним кој го користам wabisabi__________ ја означува традиционалната јапонска естетика за прифаќање на минливото и неизвесното, можам да кажам дека цел тој идентитет држи до огромно спиритуално значање.
Елена Стојковска
Сведоци сме на стварност што ќе ја прераскажуваме на нашите внуци, но стварност што ќе ја прераскажуваме и во нашите дела, всушност тоа веќе и се случува. Дизајн-сцената е инспирирана од општествената вистина и предизвикана да придонесе кон свесноста на јавното здравје. Делото на Елена беше претставено на неколку дигитални медиуми, но беше издвоено и објавено од страна и на Министерството за здравство, селектирано од десетиците креативни решенија што ги видовме изминатиот период, рамо до рамо со менторот Зоран Кардула. Честитки Елена! Слоганот е од исклучителна важност во дизајнот, „At this point in TIME, we need some SPACE“ е наративот кој успешно ја поддржува илустративната приказна. Честитки втор пат el.hue 🙂
Автор: Елена Стојковска
Наслов на дело: At this point in TIME, we need some SPACE
Медиум: Дигитална графика
Академија: Визуелни уметности
ЕЛЕНА: Поттикната од глобалната ситуација и препораките за социјално дистанцирање, создадов едноставна визуелна порака за простор-времето, преку тивки форми и тонови во контекст вселена, сметам дека пораката буди чувство на удобност кое неминовно ни е потребно во ова време. …време-невреме во еден простор што може да се шири колку што се стеснува, простор на значајна комуникација со себе и други, релативно е нели?
Владо Србиновски
Владо е визуелен артист со впечатлива и препознатлива линија. Тенденција што ја негува, наполнува, развива уште пред да го запознаеме на Академијата за визуелни уметности, постојана потрага по сопствен јазик кој ќе биде разбирлив и допадлив за вкусовите и на најприбирливите дизајн-гурмани. Во неговите дела може да се забележи влијанието на мајсторите од Баухаус школата, Де стилот, Конструктивизмот, Суперматизмот, Кубизмот и сите побратимски стилови во ликовната уметност и дизајнот од почетокот на минатиот век. Впечатлива е оригиналноста во темата на овој илустративен триптих. Всушност, се работи за колекција во процес, секоја графика е сцена од античката митологија. Во полиеистичката религија на старите Грци можеме да забележиме наративно и визуелно претставување на боговите преку човечки облик, со сите човечки особини и маани, додека Владо се обидува да наметне сопствена логика преку геометриски реализам кој е автохтон на физичките закони од овој свет, но апсолутно стилизиран во смисла на предметноста.
Автор: Владо Србиновски __premigato
Наслов на композиција I: Narcissus
Наслов на композиција II: Sisyphus
Наслов на композиција III: Icarus
Медиум: Дигитална графика
Академија: Визуелни уметности
ВЛАДО: Античката митологија ја примаме здраво за готово, како приказни со почеток и крај, најчесто за антихерои и нивната трагична судбина што сметам дека не е целата вистина. Преку митовите ја барам вистината за себе, за останатите. Односно, дали доволно се познаваме себеси, за да го воспоставиме балансот во миговите кога се соочуваме со падови?!