Skip to content
антонио станков дејан џолев скала

Рецензија: За Антонио Станков и петгодишната работа во „Студио 1“

За Антонио Станков, за петгодишната работа во „Студио 1“ и за едномесечната одисеја „30 дена, 1 студио“.

 

30 дена, 1 студио“ е проект кој произлегува од поп-културата, но завршува на територијата на авангардата. И токму во овој текст ќе се обидам да го објаснам тоа преминување, неговото првото „не“ упатено кон поп-културниот циклус што го обликува секојдневието на авторот, и да укажам каде овој проект добива свој значаен придонес во поширокиот културолошки контекст.

Овие фотографии не се полирани, тие се погрешно експонирани, со скршени композиции и залутани предмети во кадарот – суровост која го открива процесот што современата поп-естетика упорно го крие, додека академските окулари лесно го етикетираат како „техничка грешка“. Токму тука започнува авангардниот карактер на оваа фото-колекција, во рушењето на митологијата на правилното, очекуваното, совршеното.

Авторот, како автентичен претставник на дигиталните навики и визуелните трендови на социјалните мрежи, избира да создаде пред сè тактилно искуство – хартија, платно, мирис на печатено мастило и ритуалот на бавно листање страници наместо брзото и затупувачко скролање по екран.

Со таа одлука самоуверено ги реафирмира традиционалните вредности на фотографијата, што од денешна перспектива претставува чин на културна бунтовност. Особено ако се земе предвид контекстот на локалната продукција: оваа монографија доаѓа од сцена која речиси и да нема авторски печатени изданија, па токму затоа таа станува ретко, значајно сведоштво. Таа не само што продира длабоко во неговата генерација, туку испраќа и провокација до постарите автори кои со децении присуство на сцената, не успеаа да „сошијат“ фотографии меѓу корици.

И најважно: оваа книга е временска капсула.

Еден месец во кој се архивира не само работата туку и лицата што денес ја дефинираат нашата поп-култура, заедницата околу нив, околностите во кои создаваат, и енергијата што го движи овој екосистем. Ова е документ за најактивните, најпопуларните, највлијателните лица и брендови од еден специфичен миг – снимен токму онака како што не се гледаат во јавноста. Моделите се овде поинакви од тоа што сме навикнати да го гледаме онлајн: не како дигитални производи на сопствениот бренд, туку како човечки, отворени, спонтани, емотивно и физички соголени. Тие тука не се “замрзнати” како инфлуенсерки, туку како личности во момент, и тоа ја прави оваа архива не само уметнички, туку и културолошки релевантна.

Поп-културата и авангардата ретко се среќаваат, но и двете се огледало на времето. Поп-културата е хоризонтална: масовна, пристапна, диктирана од трендови и од лицата што доминираат на социјалните мрежи. Авангардата е вертикална: бунтовна, недостапна, насочена кон создавање нови форми и кон пробивање на зоната на удобност. Но овде тие две линии се вкрстуваат: моден фотограф, вкоренет во поп-естетиката, создава дело кое радикално го отстранува сјајот и ја демистифицира  позадината на сцената, процесот, хаосот и забавата.

Кончено, како контра-архива на една млада поп-сцена, снимена без идеја за маркетинг, туку со идеја за вистина.

Како негов ментор и сведок, човек кој го градел и развивал почетокот и строго критикувал развојот, можам да кажам: ова не е само книга, ова е неговото прво вистинско авторско „присуство“. Неговата прва авангардна позиција. И можеби најважно, ова е документ што ќе го надживее својот момент. Ќе се чита како сведоштво на една генерација, еден град и една сцена што немаше свое визуелно наследство сè до овој чин.

Пред многу години, на една од првите средби со тогашниот средношколец Антонио, ми рече: „Еден ден сакам да фотографирам девојки за насловни страници.“ Денес, парадоксално, неговата прва книга нема ниту девојка, ниту лице на корицата – само типографија. И токму во таа одлука се чита целата траекторија на авторот Антонио. Па да ја отвориме!

Дејан Џолев.

Книгата на нашиот алумни студент Антонио Станков, може да ја купите на следниот линк: https://stankovantonio.com/

 

 

×
скала скул-џолев-академии

Остави инфо да те контактираме:

×
скала скул-џолев-академии

Остави инфо да те контактираме: