Разговараме со Милан Савов, основач и CEO на агенцијата за веб и SEO – Smart Click и ментор на Академијата за дигитален маркетинг во „Скала“ создадена во соработка со „Пиксел“ – full-service агенција.
Милан, ти си еден од нашите ценети ментори на првата Академија за дигитален маркетинг како партнерски проект на водечката Школа за дизајн и технологија, „Скала“ и „Пиксел“ – full-service агенција. Какво е чувството да си дел од една нова приказна?
Најпрвин, би сакал да ви се заблагодарам за поканата да бидам ментор на оваа академија и чест ми е што ќе можам да споделам дел од тоа што сме учеле низ годините на луѓето кои ќе бидат на академијата. Чувствувам дека ќе биде супер и секој кој ќе биде дел, ќе добие вредност.
Според твоето досегашно искуство, колку е важен балансот помеѓу теоретското знаење и практичната примена во едукацијата на новата генерација дигитални маркетери?
Теоријата е важна, но додека нештото не се проба во пракса, моето мислење е дека колку и да си добар теоретичар, е залудно. Замислете еден кардиолог колку време студира медицина каде што голем дел од материјалот е теорија, па потоа оди на специјализација, па на пракса, па дури по неколку години ќе има можност да оперира. Зошто би било поразлично и во маркетингот? Од тоа што го гледам и слушам од луѓето, повеќето очекуваат дека ваквите вештини се совладуваат многу лесно и за краток период, може да бидеш експерт. Затоа би ги охрабрил тие кои сакаат да станат експерти за маркетинг, да си дадат време. Најпрвин, ќе учат во ширина за маркетинг-каналите, па да се специјализираат во нешто и да бидат истрајни, бидејќи треба време да станат експерти во областа. Само така ќе си створат шанса којашто може да им ја промени целата кариера.
Денес пазарот е презаситен со брендови, постои сѐ поголема конкуренција. Кои се клучните елементи коишто бизнисите често ги занемаруваат кога станува збор за оптимизирање на нивните веб-страни, со цел подобро рангирање на пребарувачите? Како да ја подобрат нивната онлајн-видливост?
Ако тргнеме од фактот дека има конкуренција, не би се охрабриле да започнеме бизнис. Да, се согласувам. Лесно можеш да отвориш било каков бизнис. Но, јас зборот конкуренција го гледам малку на поинаков начин, т.е. не мислам дека има конкуренција ако во нешто си доволно добар и се издвојуваш на некој начин. Е сега, кога бизнисите одлучуваат да инвестираат во веб-страна, многу ретко го прават тоа на правилниот начин, најчесто штедејќи за оваа инвестиција. Честопати се случува, ист бизнис, на секоја година-две да прави нова страна, но без никаква стратегија за што всушност му е страната. Плаќа некоја просечна цена за секоја од нив и на крајот пак исто, како да не направиле.
Моја препорака е прво да си дефинираат цел – зошто мене ми треба веб-страна? Зошто сакам да имам видливост на пребарувачите? Зошто сакам да сум на прво место? Откако ќе имаат одговор на тие прашања, заедно со експерти кои може сè тоа да го спроведат на дело, ги прецизираат сите детали, доаѓаат до некаква структура како треба да изгледа таа веб-страна, што сè треба да има на неа, каков повик на акција треба да се случи итн. Ова е процес којшто мора да се случи. Исто како кога се гради една куќа, мора прво да се постават темелите, па да се почне со градење. Овде се прави најголем пропуст, бидејќи се прават веб-страни колку да се каже дека се направени. Ако ја гледате веб-страната како уште еден канал за продажба/маркетинг, како уште еден дуќан на прометна улица, верувам дека поинаку ќе постапите уште во самото планирање.
Друго нешто е издвојувањето што го спомнав. Мора да знаете во што сте подобри од другите. Бидејќи има многу слични бизниси, како еден купувач би знаел од кого да купи и што е најдобар избор за него? Еве, пребарајте на интернет на пр. некој клима уред. Истиот тој клима уред сигурно го има низ повеќето салони за бела техника, по слична, а можеби и иста цена. Како јас како купувач би знаел од каде да купам? Но, кога некој ќе ми каже дека е поскапа, но ќе ми извршат достава до дома, ќе ја монтираат, ќе го фрлат отпадот и еднаш годишно ќе ги заменуваат филтрите, дали веќе на некој начин се издвоени од другите? Ако мене како купувач тоа ми значи, јас веќе знам каде да купам.
☆
Во тек се уписите на нови студенти за учебната
2024/25 година.
☆
Корисничкото искуство и SEO се неминовно меѓусебно поврзани. Како можат бизнисите да бидат сигурни дека дизајнот и функционалноста на нивната веб-страна се оптимизирани и за пребарувачите и за корисниците?
Ако во сѐ сме сигурни уште од самиот старт, тогаш сите би биле 100% успешни во сѐ што правиме, нели? Ова е процес којшто од самиот старт започнува со истражување на пазарот, на купувачите, па се доаѓа до некој предлог-дизајн којшто потоа треба и технички да се сработи и да добиеме продукт, т.е. веб- страна.
Овде не завршува приказната, туку сега, откако ќе има корисници, ние треба да собираме повратни информации (feedback) преку бројките коишто ги гледаме во најразлични алатки и врз база на тоа, носиме одлуки што треба да се менува. Па така, веб-страната станува само сè подобра и подобра и на тој начин, стануваме сигурни дека сме на добар пат.
SEO-индустријата станува неопходна техничка предност. Кои трендови или технологии коишто се појавуваат мислиш дека ќе имаат најголемо влијание врз тоа како бизнисите пристапуваат кон нивните стратегии за дигитален маркетинг?
Одредени трендови како AI не го заобиколуваат и SEO и сметам дека токму AI ќе влијае врз тоа како ќе се развива оптимизирањето на дигиталното присуство на бизнисите. AI го придвижува растот на пребарувачите како Google на друго ниво со тоа што ќе им нуди поперсонализирани и попрецизни резултати, без корисниците да треба да трошат време да го најдат тоа што го бараат. Тоа значи дека бизнисите ќе треба да развиваат user-centric стратегии коишто примарно отпимизираат за корисникот, а секундарно за пребарувачите. Со други зборови, оптимизирањето ќе треба да го следи user-behavior патернот на таргет-групата на секој бизнис.
Бизнис-совет од SEO-експерт: За бизнисите коишто сакаат да ги претворат посетите на веб-страните во продажба, на кои критични практики за SEO-оптимизација треба да се фокусираат за да постигнат повисоки стапки на конверзија?
Ако веќе имаат посети, а не остваруваат добра конверзија, прашањето е дали тие посети се вистинските коишто им требаат? Или можеби, поради погрешна стратегија, сме привлекле нетаргетирани посети? Ако се правилните, тогаш се прават тестови со бои, распоред на елементи, малку поинаков тек на движењето на корисникот низ сајтот итн. Ако немаат посети, тогаш можеби е потребна целосна реконструкција каде што би имале нова структура на сајтот и би го движеле корисникот да го добие најдоброто искуство, мислам на тоа да ги добие сите потребни информации и да стекне доверба во нив преку содржините коишто ќе му ги пласираат за да донесе одлука и да купи од нив.
☆
Време е за одлука! Погледни ја Академијата за дигитален маркетинг
на „Скала“ и инвестирај во својата кариера.
☆
Што е поголем предизвик: оптимизирање на веб-страните на клиентите и управување со нивните очекувања или едукација и менторство на следната генерација дигитални маркетери?
Оптимизирањето на страните не ни е воопшто предизвик, тоа го правиме секој ден. Поголем предизвик се очекувањата коишто ги комуницираме однапред уште пред да започнеме една соработка, бидејки е нешто од коешто клиентот гледа вредност по некој месец. А за едукација на следната генерација, ќе споделам по завршување на академијата. 😊
Според тебе, кои четири вештини и квалитети мислиш дека се суштински за да успеат SEO-експертите во денешниот конкурентен пазар?
Ако го гледаме SEO како целина, а ретко еден човек да може да работи повеќе сегменти од SEO како најважни вештини за еден SEO-експерт или ако е дел од тим, би ги издвоил:
- Keyword research на ниво на коешто ќе има влијание на бизнисот на клиентот. Тоа би значело способност да пронајде клучни зборови коишто купувачите ги пребаруваат, а не тоа што е лесно да се рангира. На пр. имаме продавница којашто продава мобилни телефони. Ако пребаруваме клучен збор „телефон“, ќе добиеме листа од милиони резултати: што е тоа телефон, какви телефони има, историја на телефони и сл. Потоа, ако пребаруваме „iphone 14 споредбено со samsung galaxy s24”, овде веќе сме малку поконкретни и сме во фаза на споредба на 2 конкретни модели. На крајот, ако веќе сме донеле одлука да купиме iphone, би пребарувале „најдобро место да се купи iphone” или „најдобра цена за iphone”, итн … па целта со оваа вештина е да се пронајдат сите тие зборови со коишто бизнисот ќе зголеми продажба на услугата или производот.
- Strategic thinking – Ова можеби не е директно поврзано со SEO, но како експерт, ако знаеш да поставиш добра стратегија и си во состојба да ги поставиш клучните темели, тогаш веројатноста да успееш во тоа што го работиш е голема. Тоа во SEO е, откако ќе се направи темелната анализа, заедно со клиентот се поставуваат клучни индикатори (KPIs) коишто потоа се следат на неделно и месечно ниво, сè со цел да знаеме дали сме на прав пат или треба нешто да менуваме
- Competitor analysis – ова исто е дел од анализи или подготовка за стратегија, бидејќи е важно да ги разбереме и конкурентите кои веќе рангираат, како стигнале таму, што прават … но уште поважно е да откриеме што тие не прават, а тоа всушност е конкурентската предност и ние го викаме Competitor Gap Analyses – нешто што може да се искористи за добивање на резултати побрзо.
- Communication and reporting – во оваа услуга, најчесто резултатите доаѓаат подоцна, нe уште во првата или втората недела. А ние луѓето, по природа сме нетрпеливи и сакаме сѐ, сега и веднаш. Ако сме во можност нашиот придонес во проектот добро да го искомуницираме и преку извештаи да прикажеме што сѐ се работи за да клиентот се чувствува сигурен, тогаш сме на вистинскиот пат.
За крај, гледајќи кон иднината, како се развива улогата на SEO и на кои трендови во подем треба да бидат подготвени дигиталните маркетери?
SEO константно еволвира и без оглед на тоа кој пребарувач би доминирал во иднината, дали е тоа Google или пак некој друг, сржта на SEO ќе остане, кога станува збор за оптимизирање на дигиталното искуство на бизнисите. Како најистакнат тренд во последниве години, интегрирањето на AI во целиот дигитален свет е неизбежна појава, што со сигурност ќе ја измени целата структура на поставеноста на целата дигитална вмреженост. Би рекол дека дигиталните маркетери треба да се подготвени да го искористат присуството на AI во нивен бенефит.
☆
Попустите за ран упис се сè уште во тек.
Закажи средба!
☆
Совет за иден студент на Академијата за дигитален маркетинг:
Бидете љубопитни. Едуцирајте се постојано, следете трендови. Дајте си време и бидете истрајни. Не се споредувајте со другите, секој доаѓа од различно опкружување и со различно претходно знаење, па некому ќе му биде потешко на старт. На крајот, најважно е вие самите да се чувствувате дека имате прогрес и сте научиле нешто ново. За целиот процес, ја имате поддршката од менторите и академијата!