На неговата официјална веб-страница, тој вели:
„Преку дизајнот и подвижните слики, можам да ги обликувам визуелните наративи во значајни искуства. Техниките за правење такви слики потекнуваат од мојата фасцинација во природата, историјата, архитектурата, и метафизичката игра на светлина и сенка“
Кој е Петар Џон? – визуелен уметник, motion graphic designer и коосновач на Lazy Kidz Visualz, виџеј колектив. Тој своите знаења од различни домени ги преточува во визуелни наративи, анимации, видеоинсталации.
Што значи да се биде Motion graphics designer?
На ова прашање Петар одговара дека е речиси исто како графички дизајнер, само што повеќе се движи 🙂
„Како што и во секоја друга професија, луѓето се трудат да бидат најдобри што можат во тоа што го работат, така и јас. Оваа професија бара доста интензивно истражување во поглед на технологијата, а тоа на некој начин е привилегија, бидејќи доста работи учиме додека истражуваме и навистина ми е драго што мојата професија е баш таква“
Што ни сподели Петар…
Тој е ментор на една од најпосакуваните алатки помеѓу студентите од Академијата за визуелни уметности и курсот за ADOBE After Effects.
ADOBE After Effects е софтверска апликација за дигитални визуелни ефекти, 2D- анимации и „motion graphics“, којашто денес има навистина широка примена во областите на филмската индустрија, ТВ, видео реклами, веб-дизајн и анимирани графики како дел од различни маркетинг-кампањи. Петар Џон во сите овие полиња гравитира со посебна заинтересираност, а проектите кои ги работи му се интерактивни, мултимедијални и во соработка со други уметници.
За еден ваков „движечки дизајнер“ сигурно инспирацијата е широко поле во кое се изнаоѓаат најразлични начини за експресија. За Петар Џон, најважна и главна инспирација е играта на сенки и светло, историјата, музиката, филмот. Динамичните анимации ги поврзува со музика и како што вели „скржав сум со боите“, но сега експериментира и со колорит и добива исклучително добри анимации.
Како ментор на обуката за Аdobe After Effects, неговиот стремеж е да ги подготви студентите да ја совладаат програмата, но и овој чекор да им стане дел од изборот на професија. Советот кој го дава на своите студенти е: имајте ЉУБОПИТНОСТ; УПОРНОСТ И ЕКСПЕРИМЕНТИРАЈТЕ!
ПРОЦЕСОТ НА СОЗДАВАЊЕ
„Кога идејата ќе се појави, прво го создавам концептот, истражувам за него, правам moodboards и креирам графичко решение. Ме инспирира да најдам и музика за решението, да го анимирам и адаптирам. Ако се работи за некаков историски локалитет за кој треба да се направи видео-мапинг, читам за него и пробувам да го имплементирам во анимацијата. Секогаш кога станува збор за анимации поврзани со историја, користам методи и техники коишто пробуваат да евоцираат некакви спомени. На крајот – сѐ е заокружување и евалуација“ – вели.