Skip to content
8-спомени-скала-академии-за-дизајн-и-технологија

8 Спомени

 

8 години Школа за дизајн и уметност „Џолев и Уметностите“ и Прв ден за Скала Магазин – прва студентска платформа за дизајн и современа уметност. Одиме со ред!


Природно е…
Роденденски да се потсетиме на изминатите години. 

2012

Четврток, 3 мај. Тања, Елена, Марти, Глигор, Ивана, Рики и Михаил присуствуваа на првиот час од програмата „Курс по фотографија“ со менторот и основач Дејан Џолев. Разговорно по маалата зборуваа за „на курс кај Џолев“;

 

2013

Тоа беше време без планови и визии, бевме водени од љубов и интуиција. Во тоа време,  студентите беа визионери кои побараа нови сродни едукативни програми и растот се случи неочекувано – природно! Ние ги следевме само нивните желби;

2014

Оваа година започна со 5 едукативни програми и ментори од областа на дизајнот и уметностите, па така природно се ребрендиравме. Школата повеќе не беше „Џолев“, па се додаде и „Уметностите“;

2015

Тимот растеше. Бројот на учесници беше сè поголем. Просторот повеќе не нè собираше и природно се преселивме во нови простории, сигурно се сеќавате на големиот црн ѕид каде што го чкртавме и бришевме од ново и од ново, а спроти него и ѕидот од тула што заедно го ѕидавме (тула по тула – кула);

2016

Веќе бевме големо друштво! Дружбите помеѓу студентите беа и надвор од школскиот двор. Природно беше да се дружат, да се заљубат… се склучија бракови и кумства, бизниси и соработки;

2017

Во Школата редовно предаваа повеќе од 30 ментори и над 100 гости предавачи, универзитетски професори и професионалци од дејностите. Природно беше да започнеме со поширока форма на образование, па така се родија 4 Академии за: визуелни уметности, моден дизајн, а подоцна и Академија за продукт дизајн и графички дизајн;

Весна Иваноска (Генерален менаџер на СЕДЦ) и Дејан Џолев

2018

Природно продолжија активностите, следеа соработки со компании и вработувања на нашите студенти и нивни планетарни кариери и успеси, ете, на пример, една режисерка од нашето маало којашто оваа година беше номинирана за два Оскари е наш поранешен студент.

Менторите: Петар Павлов, Драги Неделчевски и Александра Новеска со студентите

2019

Не нè фаќаше место! Нови простории во кои им овозможивме на студентите: современо фото и видео студио, технолошка лабораторија со таблети за цртање и 3Д-принтери, цртачко и сликарско ателје и материјали за работа, комплетно опремено модно ателје – природно за школа за дизајн и уметност;

2020

Природно е школа за дизајн и уметност да има годишни (и периоднични) изложби, но и тоа не е доволно. Овој роденден го прославуваме со сопствена платформа, медиум каде студентите ќе имаат можност да ги претстават своите идеи и таленти пред публиката, компаниите, индустријата. Особена радост е што оваа година ја славиме заедно со Скала Магазин.

Глас на новата сцена! 

Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

Платформата е резултат на љубов помеѓу студентите и менаџментот на Школата за дизајн и уметност: Џолев и Уметностите, со поддршка од Институтот за Дизајн и Технологија (ИДТ Скопје). 

Целта на оваа платформа е студентите да бидат креатори и директни учесници во креативната заедница и најважно, да го дадат својот придонес кон зајакнување на севкупната индустрија. 

Скала Магазин – од студентите за индустријата!

 

 

Следете нè!
www.instagram.com/skalamagazine
www.facebook.com/skala.magazine.mk

[демо] www.skala.mk

Не ги пропуштајте најактулените вести од домашната студентска арт и дизајн сцена. Магазинот официјално со својата редовна содржина ќе започне на 1 јуни.

 

Природно е да студираш дизајн во Школа за дизајн и уметност. 
Тоа звучи доволно, тоа значи многу повеќе. 

×
скала скул-џолев-академии

Остави инфо да те контактираме:

×
скала скул-џолев-академии

Остави инфо да те контактираме: