Како лидери за квалитет во неформалното образование, наша одговорност е да ги следиме предизвиците и да создаваме можности за идните генерации. Токму затоа ни е важно да ги запознаеме нашите студенти, нивните потреби и претходни искуства во образовниот процес. За таа цел, спроведовме квантитативно и квалитативно истражување на 80 испитаници од актуелните студенти на академиите за дизајн во „Скала“. Анализата од истражувањето ја поделивме на три сегменти: моментален статус, искуство од формално и неформално образование.
СТАТУС
Од вкупниот број испитаници, 38% од студентите се изјасниле дека се во редовен работен однос, додека 30% се невработени лица, што е многу интересен показател, имајќи предвид дека најчестата причина за студирање помеѓу вработените е потребата од преквалификација. Ова е охрабрувачки податок генерално како заедница, што ја навестува храброста и решителноста за промена.
Ја прашавме Сања, земајќи го во превид нејзиното досегашно работно искуство, која беше потребата од запишување на академија за ентериер и продукт дизајн?
Потребата се роди со намера за усовршување и утврдување на претходно стекнатите знаења. Очекувањата по завршување на академијата се отворање на вратите во дизајнерскиот свет, градење на компетитивниот профил, како и воспоставување на нови контакти со веќе истакнати личности од таа фела. Покрај моменталниот работен ангажман, кој е со спротивен правец од дизајнот, целта е по искуството со Академијата да се впуштам во идните предизвици преку кои би ја прикажала љубовта кон креирањето. – Сања
ОБРАЗОВАНИЕ
Образованието е доживотен процес, нè радува фактот што нашите студенти свесно и континуирано работат на својот раст и развој. Значителен дел или 78% од студентите, пред нивното запишување во „Скала“, имаат претходно искуство, студирајќи на други државни или приватни факултети или академии и тоа најчесто од истата област којашто моментално ја студираат во „Скала“.
Земајќи ги предвид нивните претходни искуства во формалното и неформалното образование, сакавме да откриеме на што се должи нивната потреба за доквалификација.
Разговаравме со Ана, студентка на приватна високообразовна институција за дизајн, за потребата од запишување на Академијата за графички дизајн во Скала.
Како студентка по мултимедија, делумно бев запознаена со графичкиот дизајн. Откако почнав да работам на различни проекти, мојот интерес само продолжи да расте.
Академијата за графички дизајн ми беше првиот избор, бидејќи студентите од Скала навистина покажаа успех којшто го докажува квалитетот на нивната настава. Притоа, при запишувањето и низ тековната настава, се сретнав со навистина отворена и креативна средина којашто ми дава можност да продолжам професионално да се развивам и надоградувам. – Ана
Го прашавме и Стефан, за потребата од докфалификиција по дипломирањето на државна високообразовна институција од слична дејност. Стефан е студент на академијата за визуелни уметности.
Моето претходно формално искуство во образование се состоеше од додипломски студии по ликовна уметност. Но, и во текот на образованието, јас сум се интересирал и за други сродни области, како што биле: фотографијата, филмот, дизајнот, театарот и сл.
Според тоа што го видов на програмата на Академијата за визуелни уметности, увидов дека можеби ова би била добра можност поформално да ги надоградам моите знаења и искуства во овие различни, но сепак блиски уметнички области. – Стефан
Во контекст на истражувањето, се забележува потребата од дообука на студентите кои веќе завршиле академија од иста дејност или 15% од тековните студенти веќе биле студенти во друга школа на иста академија, што за нас е огромна пофалба и мотивација, но истовремено и одговорност!
Разговаравме со Крсто, за причините поради коишто се одлучи да се запише на уште една академија по завршување на академија од иста/сродна област?
Иако верувам во постојан процес на образование и развој, конкретните причини за да се запишам на уште една академија се: дополнително специјализирање во областа на визуелните уметности, надоградба на знаењето со изучување на потребните вештини и пристапи во технологијата, вмрежување со колеги од истата индустрија, како и поголеми можности за кариерно развивање. – Kрсто
Во рамките на истражувањето, испитаниците ни споделија дека програмата и фондот на часови, менторите и успехот на алумни-студентите на школата играат клучна улога во донесувањето на одлука при запишување на академија.
Значајно е да се напоменат и податоците коишто ни откриваат повеќе за моменталното задоволство од програмите на академиите за дизајн во нашата школа, каде што 95% од испитаниците се изјаснија дека се задоволни од истите, додека пак, повеќе од половина се незадоволни од нивните претходни искуства во формалното и неформалното образование.
Нашите студенти се на почетокот од програмите на академиите за дизајн, а ние веруваме во нивниот потенцијал, како и во нашата мисија континуирано да развиваме и спроведуваме прогресивни образовни програми и практики во креативните индустрии.