ПРАВИЛНИК ЗА СТУДИРАЊЕ НА КУРС-ПРОГРАМИ
1. ОРГАНИЗАЦИЈА
СКАЛА СКУЛ - Нашата основна цел е да развиваме и спроведуваме прогресивни образовни програми и
практики во креативните индустрии
2. СТУДЕНТ
Овој правилник за студирање е применлив на сите студенти запишани на курс-програмите објавени на веб-страната на Школата
(https://djolevandthearts.edu.mk/kursevi/).
(во понатамошниот текст „курс-програми“)
Статус на студент се стекнува со пополнување на соодветниот формулар за упис на курс-програма, од кој момент на студентот му припаѓаат сите права и обврски наведени во овој Правилник. (во понатамошниот текст „Студент“)
3. НАСТАВА
Школата има право и обврска:
• да ја организира наставната програма на курс-програмите;
•да обезбеди ментори за реализација на наставната програма од соодветната област и дејствување;
• да ја измени и прилагоди наставната програма доколку утврди дека таквата промена е потребна поради моменталните околности, побарувања на пазарот, резултати од успешност на студентите;
• во зависност од програмата на дадениот предмет, да обезбеди материјали за изведување на наставата во електронска форма;
• да ја прилагоди наставната програма и начинот на нејзиното изведување во зависност од применливите правила и протоколи во моментот на нејзината реализација;
• да издаде сертификат за успешно завршена програма согласно условите наведени во овој
Правилник.
Студентот има право и обврска:
• Редовно да ја посетува наставната програма, да работи уредно на зададените задачи и проекти во и тек на наставата;
• Студентот има обврска да го најави секое отсуство кај менторот;
• Доколку студентот не доаѓа на предвидените часови коишто редовно се одржуваат, има право да се консултира со менторот за она што е пропуштено. Школата нема обврска да одржува дополнителни часови за оние наставни единици коишто редовно се одржале, а биле пропуштени самоволно од страна на студентот;
• Доколку во текот на наставата студентот користи опрема којашто е во сопственост на Школата, студентот се обврзува за истата да се грижи и да ја користи во добра волја.
• Во случај да направи било каква штета при користење на опремата, студентот се обврзува дека ќе ја надомести штетата финансиски, по доставена пресметка од Школата;
• Да го почитува Кодексот на професионално однесување и етика на Школата, односно да се однесува со почит кон своите колеги студенти и менторот на наставата, на начин на којшто нема да го попречува редовното одржување на наставата;
• Редовно да ги исполнува финансиските обврски предвидени со неговата курс-програма и уредно објавени на веб-страната на Школата.
4. НАЧИН НА ИЗВРШУВАЊЕ НА НАСТАВА
• Наставата се одржува согласно типот на програмата и најавата од страна на Школата;
• Школата го задржува правото да донесе одлука да реализира дел или целосна наставна програма online;
• Доколку применливо, наставната програма за online-настава ќе биде соодветно прилагодена за таквиот начин за изведување на програмата.
5. КОМУНИКАЦИЈА
• Студентите ја користат затворената група од избраната програма за меѓусебна комуникација со останатите учесници и менторот;
• Студентите во групата можат да објавуваат информации коишто се поврзани со темите и потребите на самата програма;
• Студентите во групата мора да комуницираат на пристоен начин со останатите членови и
менторот од програмата;
• Сите жалби и поплаки поврзани со програмата и однесувањето на поединци од групата или
менторот, учесниците ги доставуваат писмено на:
[email protected], во спротивно,
администраторот може да го избрише нивното членство од групата;
• Администраторот има право да ги избрише сите содржини во групата коишто не се однесуваат на потребите на избраната програма.
6. ШКОЛАРИНА
• Студентот има обврска навремено да врши уплата на надоместокот за курс-програмата утврден и објавен на веб-страната на Школата, a доставен и со електронска фактура и да ги почитува датумите одредени за плаќање на утврдените рати;
• Во случај на задоцнување на студентот со покривање на утврдениот надоместок повеќе од 15 дена од утврдениот ден за плаќање на целосниот надоместок или рата, Школата има право да го прекине студирањето на студентот или да не издаде Сертификат за завршена курс-програма;
• За прекинот на студирањето, до студентот ќе биде доставено писмено известување;
• Начинот на издавањето на сертификатот во случај на прекин на студиите е даден во точка 9 подолу.
7. НАГРАДИ И ПРИЗНАНИЈА
• На крајот од курс-програмата, Школата може да организира промотивен настан (изложба,
кинопремиера, промоција, ревија итн.), согласно избраната програма на којашто се изложени/промовирани најдобрите дела од учесниците;
• Делата за изложбата/промоцијата ги избира менторот во договор со студентите;
• На промотивниот настан, учесниците добиваат Сертификат за завршена курс-програма;
• Завршните дела можат да се промовираат и на други настани коишто се од интерес на темата од избраната програма;
• Сертификати добиваат само учесниците кои посетувале најмалку 80% од предавањата на
програмата и ја исплатиле школарината во целост;
• Сертификат нема да биде доделен на студент кој ја нема исплатено школарината во целост, без оглед на посетеноста на наставната програма.
8. ПРЕКИН НА СТУДИИТЕ
• Доколку студентот одлучи да прекине со посета на курс-програмата, истиот е должен да достави писмено известување до школата на
[email protected] ;
• Доколку студентот посетувал половина од наставната програма, истиот има обврска да го плати надоместокот за курс-програмата во целост;
• Доколку студентот посетувал помалку од половина од наставната програма, има обврска да плати 60% од вкупниот износ на програмата;
• Школата нема обврска да врати веќе уплатени средства, доколку студентот одлучи да прекине со програмата. Пресметката при прекин би се направила и доставила до студентот, согласно став 2 и став 3 од овој член.
9. РЕШАВАЊЕ НА ЕВЕНТУАЛНИ СПОРОВИ
• Било каков спор помеѓу Школата и студентот, ќе биде решен спогодбено;
• Школата и студентот се согласуваат доколку сами не успеат да го решат спорот, да побараат помош од медијатор, со чија помош спорот ќе биде решен повторно, спогодбено со постапка на медијација;
•Во краен случај, надлежен за конечно решавање на спорот ќе биде Основниот суд Скопје 2 -Скопје.