Разговараме со нашите студенти: Елена Трајчева, Давид Златевски и Марија Шестакова, студенти на Академијата за графички дизајн, за нивните семестрални проекти по предметот Илустрација, на тема „Филмски постер”, под менторство на Зоран Кардула.
За изборот на делата, нивното влијание и искуството со менторот низ академските часови, студентите ни открија интересни и уникатни детали. Секој од студентите има изработено филмски постер којшто преку одредени елементи и техники, ја доловува суштината или естетската убавина на избраниот филм.
★
Се одлучив за оваа тема/идеја/дело поради…
Елена Трајчева:
Создадов филмски постер за „Pulp Fiction” токму поради тоа што беше првиот филм на Tarantino којшто го имав гледано и многу ми се допадна.
Давид Златевски:
„Brokeback Mountain“ е филм чијашто суштина е да го испровоцира гледачот преку истражувањето на комплексни теми како што се љубовта, идентитетот, општествените очекувања и себеприфаќањето. Истата ги предизвикува конвенционалните наративи за машкоста и го потенцира човековиот капацитет за љубов и болка. Преку создавањето на постерот, целев да ја доловам емотивната длабочина и значењето на приказната и притоа да го поканам гледачот да се поврзе со ликовите и нивното патување.
Марија Шестакова:
„Cinema Paradiso“ се вбројува меѓу првите на мојата листа на омилени филмови. Веднаш штом ни беше зададена задачата, знаев дека ќе работам на него.
Самата кинематографија, приказната којашто ја обработува, а секако и великанот Мориконе едноставно те оставаат без зборови.
Го препорачувам!
Филмски постер –Марија Шестакова
★
При процесот на креирање, се соочив со…
Елена Трајчева:
При процесот на креирање, сакав да го покажам сето мое знаење коешто го стекнав на самите предавања, да излезам од мојата комфор-зона и да екпериментирам со бои, текстури, техники…
Давид Златевски:
При процесот на креирање, се соочив со прашањето: „Како да ги прикажам централните теми на филмот без да го редуцирам на обични клишеа и стереотипи поврзани со љубовта?“ Ми беше важно да ја доловам и соодветно да ја прикажам комплексноста на релацијата меѓу двата главни лика на начин којшто би бил автентичен за нив.
Затоа, морав да се замислам дека правам муабет со двајцата и да проверам, – „Дали начинот на којшто ја прикажав вашата љубов соодветствува со вашата реалност и начинот на којшто вие ја доживувате?“ Одговорот којшто го добив беше потврден.
Марија Шестакова:
Процесот беше убаво искуство. Воглавно се трудев со што помалку елементи да можам да ја доловам самата идеја на филмот. Затоа и се одлучив за двете силуети на Алфредо и Тото кои претставуваат симбол на нивните животи, а во средината – она што нив ги поврзува, односно филмската лента и киното.
Филмски постер –Давид Златевски
★
За соработката при процесот, за менторот Зоран Кардула би сакал/а да кажам…
Елена Трајчева:
Имав одлична соработка со менторот Кардула, преку неговите јасни и разбирливи консултации успеа многу да ми помогне при изработката на делото.
Давид Златевски:
Менторот ми служеше како извор на испирација и поддршка низ целиот процес. Тој ми понуди поддршка, фидбек и конструктивни критики, а неговото знаење и искуство се двете нешта коишто ми овозможија да ги доловам своите идеи на начинот на којшто сакав.
Марија Шестакова:
Искрена благодарност до менторот Кардула кој несебично помагаше, ми даваше совети за подобрување на дизајнот на постерот.
Филмски постер –Елена Трајчева
★
Биди дел од „Скала“, фати ран уписен рок до 15-ти мај и заштеди 500 евра!
★